Изложба „Емотивни пејзажи“ во Велес: никаде толку луѓе како во еден човек

Во Ликовниот салон во Велес вечерва ќе биде отворена изложбата на Јасмина Котевска и Тони Попов, циклус експресионистички портрети и автопортрети што го истражуваат човекот како внатрешен, психолошки простор.

Вечерва, 21 мај, со почеток во 19:00 часот, во Ликовниот салон во Велес ќе биде отворена ликовната изложба „Емотивни пејзажи – никаде толку луѓе како во еден човек“ на Јасмина Котевска и Тони Попов.

Изложбата претставува циклус експресионистички портрети и автопортрети создадени како непосреден одговор на внатрешните емоционални состојби на авторите. Наместо класично прикажување на физичкиот лик, делата го отвораат човекот како психолошки простор, како збир од расположенија, сомнежи, сеќавања и тивки разговори што се водат внатре во себе.

„Емотивни пејзажи“ не го бара лицето само во неговата форма, туку во она што го носи зад неа. Портретот овде не е мирна слика, туку судир на чувства, боја, линија и внатрешна напнатост. Токму затоа насловот „никаде толку луѓе како во еден човек“ функционира како клуч за читање на изложбата: секој човек е повеќе од едно лице, повеќе од една состојба, повеќе од една приказна.

Изложбата претходно беше претставена во Скопје и Крушево, а планирано е да продолжи да се прикажува и низ повеќе градови во земјата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс