Емотивна порака од Иранците на СП: „Иранскиот дух останува жив и нескршлив“

Фудбалската репрезентација на Иран остави рачно напишана порака во соблекувалната во Лос Анџелес, споменувајќи ги и жртвите од нападот врз училиште во Минаб.

Фудбалската репрезентација на Иран остави емотивна порака во соблекувалната на стадионот во Лос Анџелес по ремито без голови против Белгија на Светското првенство, со кое ги задржа шансите за пласман во следната фаза од натпреварувањето. Пред заминувањето за Сиетл, каде што ги очекува натпревар против Египет, иранските фудбалери оставиле рачно напишано писмо со благодарност до градот и навивачите.

„Од древна Персија пред илјадници години до денешен цивилизиран Иран, иранскиот дух останува жив и нескршлив“, се наведува на почетокот од пораката.

Во писмото биле вклучени и ознаките #168 и #minab, кои се однесуваат на 168-те девојчиња загинати во ракетниот напад врз училиште во градот Минаб за време на војната меѓу Иран, САД и Израел.

Пораката продолжува со зборовите:

„Во Лос Анџелес дојдовме со гордост, се натпреварувавме чесно и заминуваме со достоинство. Ти благодариме, Лос Анџелес, за гостопримството. Благодарност и до секој Иранец кој со срце, глас и душа беше покрај Иран во овие 180 минути. Нека мирот, почитта и пријателството надвладеат меѓу сите народи.“

Настапот на Иран на Светското првенство беше проследен и со бројни логистички проблеми. Поради ограничувањата на американските имиграциски власти, репрезентацијата не смеела да престојува во САД подолго од 48 часа, поради што базниот камп бил преместен од Тусон во Аризона во мексиканскиот град Тихуана.

По првиот натпревар против Нов Зеланд, тимот веднаш морал да се врати во Мексико, а дел од стручниот штаб и помошниот персонал не добиле визи за влез во САД. Дополнителни проблеми имал и репрезентативецот Мехди Тораби, кој морал повторно да аплицира за американска виза во конзулатот во Тихуана. Поради сите ограничувања и компликации, селекторот на Иран, Амир Галеноеи, изјави дека неговата репрезентација е „најпотиснатиот тим на целото Светско првенство“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс