Младите читатели разговараа со авторот на „Невидлив“ и „Мрежи“ за врсничкото насилство, прифаќањето и влијанието на социјалните мрежи.
Средбата „Колку лајкови се потребни за среќа?“ се одржа во Театар Комедија, со модерација на психолозите Розалија Секулоска и Јован Илиески. Дел од учениците дојдоа со свои примероци од „Невидлив“, која ја читаат како лектира, а по разговорот имаа можност да му постават прашања на Морено и да добијат потпис.

„Никогаш не треба да молчите за врсничкото насилство“, им порача писателот, повикувајќи ги учениците заедно да му се спротивстават.
Програмата продолжи во „Лабораториум“ со дискусија за вештачката интелигенција и книжевноста. За тоа дали и како новите технологии ја менуваат работата на писателите разговараа Ненад Јолдески, Валентин Нешовски, Соња Станковска и Александар Русјаков, под модераторство на Фросина Пармаковска.

На свеченото отворање се обратија писателката Оливера Ќорвезироска и главниот уредник на „Антолог“, Жарко Кујунџиски. Во центарот на нивните говори беше слободата, темата на годинашниот фестивал, кој се одржува под мотото „FREE AT LeAST – ЧУМУ СЛОБОДА!“.
„Слободата не е само право да кажеме ‘јас’. Таа е и способност да го слушнеме оној другиот – ‘ти’“, рече Кујунџиски, зборувајќи за книжевноста како простор во кој читателот може да го види светот од поинаков агол. Ќорвезироска нагласи дека не постои една слобода еднаква за сите: „Има толку слободи колку што има луѓе“.

Во вечерниот разговор со професорката Весна Мојсова-Чепишевска, Морено зборуваше за своите книги „Невидлив“, „Мрежи“ и „Земја“, како и за „Новото патување на Малиот принц“, неговата најнова книга објавена на македонски јазик. Првиот фестивалски ден заврши со редици читатели што чекаа да го запознаат писателот и да добијат потпис.
Програмата продолжува денеска со книжевно читање во Паркот на поезијата кај Градската библиотека „Браќа Миладиновци“, а во „Лабораториум“ се предвидени разговори со странски и домашни автори за сеќавањето, историјата и книжевноста. На последниот фестивалски ден, 30 септември, ќе гостува и писателката Гузел Јахина, а фестивалот ќе заврши со дебата за тоа дали бестселерот може да биде голема литература.
Влезот на сите настани е бесплатен.