Екстремните горештини го зголемуваат ризикот од анксиозност, агресија и депресија

Стручњаци предупредуваат дека топлотните бранови не влијаат само на телото, туку и на менталното здравје, зголемувајќи анксиозност, агресивност и депресивни состојби.

Топлотните бранови не влијаат само на физичкото здравје, туку и на работата на мозокот и емоционалната стабилност, предупредуваат француските експерти. Според нив, во периоди на екстремно високи температури се забележува зголемен број случаи на анксиозност, нарушувања на спиењето, агресивно однесување и психијатриски интервенции.

Покрај физичките последици како дехидратација и оптоварување на кардиоваскуларниот систем, високите температури значително влијаат и на расположението и менталното здравје. Психијатрите објаснуваат дека топлината влијае врз невротрансмитерите во мозокот, особено серотонинот и допаминот, кои се клучни за регулација на расположението и однесувањето.

Екстремните температури го нарушуваат и работата на хипоталамусот – делот од мозокот кој ја контролира телесната температура – а при долготрајни топлотни бранови природните механизми за ладење на телото се преоптоваруваат.

„Кога ноќните температури не паѓаат, спиењето е нарушено. Како резултат на тоа, луѓето стануваат пораздразливи, поанксиозни и понервозни“, објаснуваат експертите. Истражувањата покажуваат и дека во летните месеци се зголемуваат случаите на насилство, при што екстремната жештина создава услови кои можат да придонесат за ескалација на конфликти.

Дополнително, се предупредува дека топлотните бранови можат да ја зголемат и зачестеноста на семејно насилство, при што најранливи се жените и децата. Стручњаците истакнуваат дека високите температури можат да ја влошат и општествената нееднаквост, бидејќи најпогодени се луѓето во ранливи животни услови без соодветна заштита од топлина.

е-Трн да боцка во твојот инбокс