Црн чад над фабрика на MOL во Унгарија, експлозија однесе еден живот

Несреќата се случила во петрохемискиот комплекс во Тишаујварош, при повторно пуштање во работа на постројката „Олефин-1“.

Едно лице загина, а неколкумина се повредени по експлозија во петрохемискиот комплекс на унгарската нафтена и гасна компанија MOL во градот Тишаујварош, во источниот дел на земјата.

Инцидентот се случил за време на рестартирање на постројката „Олефин-1“, која е дел од производствениот систем на MOL Petrochemicals. По експлозијата избувнал пожар, а над фабриката се издигнал густ црн чад.

Од компанијата соопштиле дека пожарот е локализиран, но дека интервенцијата на пожарникарските екипи продолжува. Причините за несреќата ќе ги утврдуваат експерти, а првичните информации укажуваат дека најверојатно дошло до експлозија на компресор при повторното активирање на фабриката.

Постројката „Олефин-1“ е важен дел од петрохемискиот комплекс во Тишаујварош и служи за производство на етилен, суровина што се користи во производството на полиетиленска пластика. Нејзиниот годишен капацитет е околу 370.000 метрички тони етилен.

MOL во овој комплекс има две единици за парно крекинг, со вкупен капацитет од околу 660.000 метрички тони етилен годишно. Дел од произведениот етилен компанијата го користи за производство на пластика што се пласира во индустријата за пакување и други производствени сектори.

Засега не е познато дали несреќата ќе предизвика поголем застој во производството или нарушување во снабдувањето. Истрагата за причините за експлозијата е во тек.

е-Трн да боцка во твојот инбокс