Повеќе беспилотни летала утринава го нарушија воздушниот простор на Молдавија, по што во неколку региони одекнаа детонации и беа пронајдени остатоци од дронови. Националниот систем за надзор регистрираше упади во близина на Анениј Ној, Штефан Вода, Тудора и Каушени. Полицијата потврди дека засега нема повредени граѓани, но апелираше населението да не се приближува до паднатите остатоци.
Молдавското Министерство за одбрана соопшти дека радарите забележале неколку летала кои нелегално прелетале преку државната граница. Веднаш по прелетите, граѓани од повеќе окрузи пријавиле силни детонации надвор од населените места.
Полициските екипи пристигнаа на терен по пријава за експлозија и густ чад кај Каушени, каде што пронајдоа метални делови од урнато летало. Слични парчиња од конструкции на дронови се лоцирани и во близина на Дубовка и Хинчешти, како и на потегот меѓу селата Делакау и Пухачени. Полицијата отвори истрага за потеклото и типот на апаратите.
Најсериозниот инцидент се случи во атарот на селото Крокмаз, во округот Штефан Вода близу југоисточната граница. При падот на беспилотното летало изби пожар на сува трева и ниска вегетација во лозарски насад.
Ударниот бран од експлозијата ги скрши прозорците на близок земјоделски објект. Противпожарните служби го локализираа огнот, а надлежните потврдија дека во инцидентот нема настрадани лица. Специјализирани тимови вршат увид на сите точки на падот.