Економијата на Иран на колена: санкции, замрзнати милијарди и пад од над 6%

Иран се соочува со длабока економска криза – над 100 милијарди долари замрзнати средства, санкции од САД и Европска Унија и пад на економијата според Меѓународен монетарен фонд.

Економијата на Иран се наоѓа во длабока криза, притисната од долгогодишни санкции, геополитички тензии и последиците од воените конфликти. Според проценките, земјата има замрзнати средства во странство вредни повеќе од 100 милијарди долари, износ што претставува речиси една четвртина од нејзиниот бруто-домашен производ.

Овие средства се недостапни поради санкциите наметнати од САД и нивните сојузници, особено Европска Унија, што сериозно ја ограничува способноста на Техеран да ја стабилизира својата економија.

Децении санкции – од револуција до нуклеарна криза

Санкциите кон Иран траат уште од Исламската револуција во Иран, кога по заземањето на американската амбасада во Техеран беа воведени првите рестрикции. Подоцна, на листата причини се додадоа и иранската нуклеарна програма и развојот на балистички ракети.

Во 2015 година, Иран постигна договор со светските сили, Заеднички сеопфатен акциски план со кој се обврза да го ограничи нуклеарниот програм во замена за олеснување на санкциите. Но, во 2018 година, администрацијата на Доналд Трамп еднострано се повлече од договорот и повторно ги воведе санкциите, што доведе до ново замрзнување на средствата.


Каде се наоѓаат замрзнатите милијарди?

Иранските средства се распоредени низ повеќе држави:

  • Кина – најмалку 20 милијарди долари
  • Индија – околу 7 милијарди
  • Ирак – околу 6 милијарди
  • Катар – околу 6 милијарди
  • Јапонија – околу 1,5 милијарди
  • САД – околу 2 милијарди
  • земји од Европска Унија – вклучително и Луксембург со околу 1,6 милијарди

Овие средства главно потекнуваат од продажба на нафта и биле користени за поддршка на иранската валута ријалот.

Огромни штети од конфликтот

Покрај санкциите, Иран се соочува и со сериозни материјални загуби од воените дејствија. Според официјални проценки, штетата веќе достигнува околу 270 милијарди долари. Проценката сè уште не е конечна и ќе се утврдува во неколку фази од инфраструктурна штета до економски загуби поради прекин на индустриското производство.

Според најновата анализа на Меѓународен монетарен фонд, економијата на Иран во 2026 година ќе се намали за 6,1%.. Ова доаѓа по пад од 1,5% во 2025 година, додека за 2027 се очекува делумно закрепнување со раст од 3,6%.

Европа и САД го засилуваат притисокот

Европска Унија дополнително ги заостри мерките со ограничувања за увоз и транспорт на иранска нафта, гас и петрохемиски производи, повикувајќи се на нуклеарната програма и прекршувањата на човековите права. Во меѓувреме, Техеран бара ослободување на средствата како услов за напредок во преговорите со САД, но досегашните разговори не донесоа резултати. Комбинацијата од санкции, замрзнати средства и воени трошоци ја доведе иранската економија на работ на издржливост.

Иако постојат навестувања за нови дипломатски обиди, без конкретен договор за олеснување на санкциите и деблокирање на средствата, закрепнувањето ќе биде бавно и неизвесно.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни