Вселенските дата центри може трајно да ја загадат Земјината стратосфера

Организации за заштита на животната средина предупредуваат дека орбиталните дата центри можат трајно да ја изменат Земјината стратосфера и да ја оштетат озонската обвивка.

Еколошки организации и експерти од вселенската индустрија поднесоа петиција до американските власти за запирање на проектите за орбитални дата центри на компаниите како SpaceX и Blue Origin. Тие предупредуваат дека загадувањето од согорувањето на ракетите и сателитите при враќањето во атмосферата може катастрофално да влијае врз планетата. Според нив, испуштањето на метали и други материи во стратосферата ја загрозува озонската обвивка и може дополнително да ја дестабилизира климата.

Соочени со отпорот на јавноста за градење големи дата центри на Земјата, технолошките компании од минатата година почнаа да ја промовираат идејата за нивно преместување во вселената. Тие веќе предложија милиони орбитални дата центри, за што е потребно одобрување од американската Федерална комисија за комуникации. Некои компании веќе поднесоа барања за потребните дозволи.

Таков е случајот со Cowboy Space Corporation, која планира мрежа од 20.000 сателити, со прво лансирање предвидено за 2028 година. SpaceX во своето барање тврди дека нивните орбитални центри ќе ја обезбедат иднината на човештвото на повеќе планети.

Бројот на активни сателити во орбитата порасна од околу 1.400 во 2015 година на приближно 15.000 денес. Се очекува во следната деценија таа бројка да достигне 100.000, без сателитите наменети за дата центри.

Главниот проблем, предупредуваат експертите, е загадувањето што настанува при согорувањето на ракетите и сателитите при нивното враќање во атмосферата. Вселенските летала ослободуваат чад, азотни оксиди, јаглерод моноксид, алуминиумски оксиди и гасови од хлор при лансирањето, додека при престојот во орбитата е забележано и ослободување на жива.

Кога сателитите се повлекуваат од употреба по пет до 15 години, при согорувањето испуштаат различни метали во стратосферата. Научниците стравуваат дека ова загадување би можело да ја оштети озонската обвивка и да ја зголеми изложеноста на ултравиолетово зрачење.

Петицијата поднесена од непрофитните организации Public Employees for Environmental Responsibility (PEER), Earthjustice и DarkSky International повикува на запирање на издавањето нови дозволи. Тие бараат примена на Националниот закон за заштита на животната средина (NEPA), кој бара од федералните агенции да ги проценат еколошките последици на предложените проекти.

Научниците наведуваат дека компаниите ги опишуваат своите планови како цивилизациски револуционерни, но одбиваат сериозна анализа на нивните последици по животната средина. Раскин Хартли, извршен директор на DarkSky International, предупредува дека овие проекти би можеле трајно да го променат ноќното небо и да предизвикаат светлосно загадување.

Покрај тоа, поранешниот експерт на Националната управа за океани и атмосфера (NOAA) за вселенска политика, Кол Донован, укажува дека вселенските дата центри би барале огромни количини ретки метали, што би создало нови еколошки проблеми и на Земјата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс