Европската унија може да го заштити Гренланд доколку Данска го побара тоа, изјави денес европскиот комесар за одбрана Андриус Кубилиус, предупредувајќи дека евентуално американско преземање на островот би значело крај на НАТО.
Американскиот претседател Доналд Трамп повторува дека на САД им е потребен Гренланд, автономна територија која е дел од Кралството Данска, тврдејќи дека постојното американско воено присуство таму не е доволно.
Данска и САД, кои се членки на НАТО, оваа недела треба да одржат средба за да разговараат за Гренланд. Копенхаген и Нуук нагласуваат дека најголемиот остров во светот не е на продажба, но Трамп не ја исклучува можноста тој да биде преземен со сила.
Кубилиус не верува дека ќе дојде до инвазија
„Се согласувам со данската премиерка дека тоа би значело крај на НАТО, а би имало и многу негативен одек меѓу луѓето“, изјави Кубилиус, првиот европски комесар за одбрана, на безбедносна конференција во Шведска.
Литванецот не смета дека ќе дојде до американска инвазија, но нагласи дека членот 42.7 од Договорот за Европската унија ги обврзува земјите членки да ѝ помогнат на Данска или на која било друга членка што ќе се соочи со воена агресија.
„Тоа првенствено ќе зависи од Данска, од тоа како ќе реагира и каков ќе биде нејзиниот став, но дефинитивно постои обврска земјите членки да си помогнат доколку некоја од нив се соочи со воена агресија“, порача тој.
