Денес се навршуваат 15 години од смртта на Ејми Вајнхаус, британската пејачка чиј длабок, душевен глас и целосно автентичен стил трајно го обележаа модерниот соул и џез-звук. Таа беше пронајдена мртва во својот дом во Северен Лондон на 23 јули 2011 година, на само 27 години, а причината за смртта подоцна беше утврдена како случајно труење со алкохол. Нејзината смрт повторно го привлече вниманието кон таканаречениот „Клуб 27“, групата познати музичари кои починале токму на таа возраст.
Од театарско училиште до меѓународна ѕвезда
Ејми Џејд Вајнхаус е родена на 14 септември 1983 година во Лондон, во еврејско семејство. Нејзиниот татко Мич бил таксист, а мајка ѝ Џенис фармацевт. Љубовта кон музиката ја развила уште во детството, преку џезот, соулот и блуз-плочите што нејзиниот татко ги пуштал дома. Учела во неколку престижни уметнички училишта во Лондон, меѓу кои и театарското училиште на Силвија Јанг и БРИТ школата за изведувачки уметности.

Дебитантскиот албум „Frank“, објавен во 2003 година, ѝ донел признание од критичарите и платинест статус во Велика Британија. Критичарите нејзиниот глас го споредувале со легенди како Нина Симон и Били Холидеј.
Вистинскиот пробив, сепак, дошол со вториот албум, „Back to Black“, објавен во 2006 година под продукција на Марк Ронсон, проект кој ѝ донел пет награди „Греми“ и хитови како „Rehab“ и „Valerie“.
Успех засенет од борбата со зависностите
Иако музичкиот успех бил неспорен, личниот живот на Вајнхаус подеднакво привлекувал внимание, особено кај таблоидите. Нејзината бурна врска со Блејк Филдер-Сивил, со кого се венчала во 2007 година, а се развела во 2009 година, ја вовлекла во проблеми со зависности. Во 2007 година завршила во болница откако претходно комбинирала алкохол, кокаин, хероин, екстази и кетамин.
Во 2008 година, откако таблоид објавил видео на кое пуши крек-кокаин, за првпат заминала на рехабилитација. И покрај неколкуте обиди, никогаш целосно не успеала да се ослободи од зависностите.
Проблемите со визата дополнително ја попречувале нејзината кариера. Во 2008 година не добила дозвола за влез во САД поради сомнежи поврзани со употребата на дроги, поради што пропуштила личен настап на доделувањето на наградите „Греми“. Наместо тоа, настапила преку сателитски пренос од Лондон.
Во 2009 година ѝ бил одбиен влез и за фестивалот „Коачела“, поради обвинение дека нападнала обожавател.
Последниот настап во регионот – Белград
Меѓу последните настапи на Вајнхаус бил и оној во Белград, Србија, одржан на 18 јуни 2011 година – само пет недели пред нејзината смрт. Настапот останал запаметен по погрешни причини. Видно нестабилна на сцената, пејачката имала потешкотии да ги изведе песните, а публиката реагирала со свирежи и незадоволство.
Настанот дополнително ја засилил загриженоста на нејзиното семејство и менаџментот за нејзината состојба, само неколку недели пред трагичниот крај.
Последниот ден
Според сведочењето на нејзиниот телохранител Ендру Морис, во ноќта пред смртта Вајнхаус останала будна до два часот наутро, гледајќи снимки од своите рани настапи и била во добро расположение. Околу три часот попладнето на 23 јули, Морис забележал дека нешто не е во ред , таа била во иста положба како и наутро. Кога проверил пулс, не успеал да го почувствува.
Коронерот подоцна утврдил дека нивото на алкохол во нејзината крв изнесувало 0,416 промили, повеќе од петпати над законски дозволената граница за возење во Англија. Смртта официјално била прогласена за случајно труење со алкохол.
Наследството по смртта
По нејзината смрт бил објавен дуетот со Тони Бенет, „Body and Soul“, кој освоил награда „Греми“, а една година подоцна следувала и колекцијата со необјавени песни „Lioness: Hidden Treasures“. Документарниот филм „Amy“ од 2015 година, составен од архивски снимки и интервјуа со луѓе блиски до пејачката, освоил „Оскар“ за најдобар документарен филм.
Во 2024 година бил снимен и играниот биографски филм „Back to Black“. Артисти како Адел и Дафи јавно ја посочуваат Вајнхаус како пејачка која им го отворила патот на британската музичка сцена.
Петнаесет години по нејзината смрт, гласот на Ејми Вајнхаус останува еден од најпрепознатливите во модерната британска музика, парадоксална приказна за исклучителен талент, чиј живот бил обележан и со креативност и со јавна борба која на крајот ѝ го одзела животот прерано.