Египетски суд стави здружение од Македонија на листата за тероризам

Кривичниот суд во Каиро означи 35 европски невладини организации како терористички ентитети, одлука што нема автоматско правно дејство надвор од Египет.

Кривичниот суд во Каиро донесе одлука со која 35 организации од Европа и 36 поединци се запишуваат во египетскиот регистар на терористички ентитети. Меѓу наведените субјекти под реден број 19 се наоѓа организацијата наведена како Исламска младинска асоцијација од Северна Македонија. Одлуката е донесена врз основа на египетскиот закон за тероризам и подразбира замрзнување на сметки и забрана за активности исклучиво на територијата на Египет, без директно правно дејство во европските држави.

Пресудата произлегува од предметот број 11108 од 2026 година, по барање на Врховното државно обвинителство за безбедност на Египет. Вториот кривичен совет на судот во Каиро одреди мерката да трае точно пет години од моментот на објавување во службениот весник. Листата опфаќа субјекти од Германија, Франција, Велика Британија, Швајцарија, како и од земјите од регионот како Босна и Херцеговина и Северна Македонија.

Египетските власти традиционално ги ставаат на оваа листа организациите за кои тврдат дека соработуваат со движењето Муслиманско братство, кое во Каиро е забрането од 2013 година.

Судскиот регистар под реден број 19 го наведува здружението од Македонија во пакет со европски студентски асоцијации. Конкретно, на истата одлука под број 34 се наоѓа Европскиот муслимански студентски форум, односно мрежата позната како ФЕМИСО. Здруженијата од овој профил најчесто дејствуваат како невладини студентски и граѓански иницијативи регистрирани во соодветните матични држави.

Според македонските безбедносни стандарди и меѓународното право, одлуките на судови од трети земји не повлекуваат автоматски санкции или истраги дома. За каква било правна постапка во земјава е потребна одлука на Советот за безбедност на ОН, официјална листа на Европската Унија или барање за меѓународна правна помош преку Министерството за правда.


Египетскиот Закон за терористички ентитети предвидува конкретни последици за организациите кои се наоѓаат на судскиот список. Тие вклучуваат распуштање на нивните претставништва во Египет, замрзнување на сите финансиски средства и недвижен имот на египетско тло, како и забрана за влез во земјата за сите именувани поединци. Бидејќи повеќето од овие 35 здруженија немаат активни канцеларии ниту капитал во Каиро, пресудата претставува пред сè политичко-дипломатски потег со кој египетските власти се обидуваат да извршат притисок врз европските престолнини.

е-Трн да боцка во твојот инбокс