Гужви на граница со Грција? Биометријата може привремено да се прескокне

При зголемен сообраќај и долги колони на граничните премини со Грција, ЕЕС системот може привремено да работи без фотографирање и земање отпечатоци, но регистрацијата на патниците останува задолжителна.

На грчките гранични премини, во случај на големи колони и зголемен сообраќај, системот ЕЕС може привремено да функционира без земање биометриски податоци, односно без фотографирање и земање отпечатоци. Регистрацијата на патниците во системот останува задолжителна, но во исклучителни случаи може да се спроведе по скратена постапка за да се забрза протокот.

Ова произлегува од одговорите на пратенички прашања доставени од заменик-министерот за заштита на граѓаните на Грција, Јоанис Ламбропулос. Отстапката важи првично до 8 јули, со можност автоматски да се продолжи до 6 септември 2026 година, доколку продолжат условите на исклучително зголемен сообраќај.

ЕЕС, односно Системот за влез и излез, е новата европска постапка за регистрација на државјани од трети земји при влез и излез од Шенген-зоната. Системот во целост почна да се применува на 10 април 2026 година и ја замени досегашната практика на ставање печати во пасошите.

Во пракса, тоа значи дека сите патници кои подлежат на ЕЕС мора да бидат регистрирани при преминување на границата. Но, ако на одреден премин се создадат предолги редици, грчките власти можат привремено и делумно да ја суспендираат биометриската постапка, со цел да се врати нормалниот проток на патници и возила.

Особено внимание во Грција предизвикува состојбата на копнените премини, пред сè Евзони, односно Богородица, кој е една од главните влезни точки за туристи од Македонија и регионот. Во изминатиот период таму често се создаваа километарски колони, што предизвика реакции од хотелиери, пратеници и туристичкиот сектор во северна Грција.

Според грчките власти, на копнените премини биометриските податоци се земаат во кабините на граничната полиција, каде што има специјална опрема. Засега не е предвидено поставување киосци за саморегистрација, но се користат преносни технички решенија, како мобилни станици и таблети за пасошка контрола.

Грчката федерација на хотелиери предупреди дека долгите чекања на границите создаваат негативни впечатоци кај туристите и директно влијаат врз хотелскиот сектор, особено во северна Грција, каде патниот туризам од балканските земји има големо значење.

Грчките власти, пак, нагласуваат дека европската регулатива мора да се применува, но дека ги користат можностите што ги дозволува законодавството на ЕУ за да се избегнат сериозни застои на граничните премини во периоди на зголемен сообраќај.

е-Трн да боцка во твојот инбокс