Новиот систем за влез и излез во Европската Унија (EES) донесе „хаос“ на граничните контроли на аеродромите, со редици што достигнуваат до три часа и бројни случаи на патници кои останале без лет.
По серија одложувања и постепени подготовки, биометрискиот систем официјално беше воведен во Шенген-зоната на 10 април и сега се применува во 29 европски земји.
Системот се однесува на патници од земји надвор од ЕУ кои влегуваат во Шенген за краток престој до 90 дена во период од 180 дена. Наместо рачно удирање печати во пасошите, сега се води дигитална евиденција за влез, излез и одбивање влез, а се собираат и биометриски податоци како фотографија од лицето и отпечатоци од прсти.
Проблеми и доцнења
На патниците им беше препорачано да пристигнуваат на аеродромите многу порано од вообичаено, но и покрај тоа, првиот ден од целосната примена беше обележан со доцнења, нарушувања во патувањата и пропуштени летови, се наведува во заедничко соопштение на ACI EUROPE и Airlines for Europe (A4E).
Овие организации со недели предупредувале на предизвиците при воведувањето на системот, додавајќи дека нивните главни стравувања сега станале реалност. Тие ја повикаа Европската комисија и земјите-членки веднаш да воведат поголема флексибилност во примената на системот.
Во посебно соопштение, A4E беше уште поостра, наведувајќи дека редици од три часа не се „почетни проблеми“, туку „системски неуспех“.
„Авиокомпаниите работат напорно за летовите да пристигнуваат навреме, што е приоритет и за патниците и за превозниците. Но воведувањето на ЕЕС викендов покажа спротивно – доцнења и долги чекања, кои се надвор од нивна контрола“, се наведува во реакцијата.
Организацијата додава дека иако ја поддржува целта за зајакнување на безбедноста, тоа не смее да доведе до постојани нарушувања во патувањата.
Како решение, A4E побара Европската комисија да дозволи целосно или делумно суспендирање на системот до крајот на летото, таму каде што е потребно.
Патници оставени на аеродром
По воведувањето на системот беа регистрирани повеќе случаи на нарушено патување.
На аеродромот Линате во Милано, од 156 патници кои требало да патуваат со лет на EasyJet за Манчестер, само 34 успеале да се качат во авионот поради долгите редици. Останатите 122 патници останале во Италија, гледајќи како авионот полетува без нив.
Едно семејство, за да се врати дома, потрошило повеќе од 1.600 фунти за алтернативен лет преку Луксембург, со пристигнување со задоцнување од 24 часа.
Портпарол на EasyJet изјави дека доцнењата предизвикани од новиот систем се „неприфатливи“.
„Ги повикуваме граничните власти да ја искористат целата предвидена флексибилност додека системот се имплементира, за да се избегнат вакви доцнења за патниците“, изјавија од компанијата.
Тие додадоа дека ситуацијата е надвор од нивна контрола, но изразија жалење за непријатностите предизвикани кај патниците.