Европската унија со активирањето на системот EES (Entry/Exit System) влезе во една од најамбициозните дигитални реформи на своите надворешни граници, но првите месеци од имплементацијата откриваат сериозен јаз меѓу очекувањата и реалноста.
Наместо побрза и поефикасна контрола на патниците, новиот систем донесе подолги редици, зголемено време на чекање и различни практики на примена меѓу земјите членки. EES воведува целосна биометриска регистрација на патници од трети земји, со фотографија, отпечатоци од прсти и дигитално евидентирање на влез и излез од Шенген зоната.
Иако Европската комисија го претстави системот како клучен чекор за модернизација и зголемена безбедност, првичните податоци покажуваат дека најголемиот предизвик е токму првата регистрација на патниците, која значително го забавува протокот на границите. Според Frontex, стабилизацијата на системот би можела да трае од една до две години, бидејќи земјите членки не го имплементираат на ист начин, а дел од нив се соочуваат со недостиг на ресурси и технички капацитет.
Дополнителна сложеност создава и неусогласеноста во практиката, дел од патниците пријавуваат дека повторно им се земаат биометриски податоци, иако системот е дизајниран тоа да биде еднократен процес. Во туристичкиот и авио-секторот веќе се изразува загриженост дека ваквите почетни проблеми може да влијаат на летната сезона и протокот на патници, особено на фреквентните гранични премини и аеродроми.
Од друга страна, Европската комисија останува на ставот дека системот веќе покажува резултати во делот на безбедноста, со милиони регистрирани влезови и илјадници откриени нерегуларни случаи. EES така станува пример за поширока европска дилема: како да се зголеми безбедноста и дигиталната контрола, без притоа да се наруши основното право на слободно и брзо движење низ Шенген зоната.