Во Европската Унија, околу 6,1 милиони семејства со деца живеат со еден возрасен кој сам ја носи секојдневната грижа, воспитувањето и издршката. Тоа значи дека речиси секое осмо домаќинство со деца во ЕУ е еднородителско, покажуваат податоците на Евростат за 2025 година.
Еднородителските семејства сочинуваат 12,9 отсто од сите домаќинства со деца во Унијата, но разликите меѓу земјите се големи. Највисок удел е забележан во Естонија, каде 40,6 отсто од домаќинствата со деца ги води еден возрасен. Следуваат Литванија со 32,7 отсто и Латвија со 28,5 отсто.
На другата страна се Словачка, Грција и Словенија, каде ваквите домаќинства имаат најмал удел. Во Словачка тие сочинуваат 3,1 отсто од домаќинствата со деца, во Грција 3,8 отсто, а во Словенија 4 отсто.
Повеќето еднородителски семејства во ЕУ имаат едно дете, односно 60,1 отсто. Околу 30,9 отсто имаат две деца, а 9 отсто три или повеќе деца.
Податоците покажуваат и јасна родова нееднаквост во секојдневната грижа. Од вкупно 6,1 милиони еднородителски домаќинства, околу пет милиони ги водат мајки, односно 81,6 отсто, додека татковците сочинуваат 18,4 отсто.
Податоците се објавени по повод Светскиот ден на родителите, кој се одбележува на 1 јуни и ја истакнува улогата на родителите и старателите во грижата, заштитата и благосостојбата на децата.