ЕЦДЦ предупредува: Топлотните бранови го забрзуваат ширењето на опасни инфекции

Европскиот центар за превенција и контрола на болести предупредува дека високите температури создаваат совршени услови за развој на тропски болести, бактерии и крлежи.

Подолгите и сè пожешки лета во Европа не претставуваат само температурна непријатност, туку создаваат идеални услови за забрзано ширење на опасни заразни болести, предупредува Европскиот центар за спречување и контрола на болести (ЕЦДЦ).

Според здравствената агенција, иако топлотните бранови ги полнат насловните страници, континуирано високите температури се главниот катализатор што го овозможува опстанокот и размножувањето на патогените.

Климатските промени значително ја прошируваат заканaта за јавното здравје, поради што експертите повикуваат на долгорочна прекугранична соработка меѓу здравствениот, еколошкиот и ветеринарниот сектор.

Европските здравствени власти во моментов со посебно внимание следат четири критични области на ризик.

Првата закана се болестите пренесени преку храна, кои се меѓу најчестите летни заболувања. Според Светската здравствена организација (СЗО), топплото и влажно време создава перфектни услови за брзо мултиплицирање на бактериите во храната. Посебно опасен факт е што заразувањето на храната често се случува без никакви видливи промени во нејзиниот изглед, вкус или мирис. Превенцијата бара темелно миење на овошјето и зеленчукот, одвојување на суровата од зготвената храна и соодветно чување во ладилник.

Втората и можеби највидлива опасност доаѓа од комарците. Болестите пренесени од овие инсекти стануваат сè почести во Европа, бидејќи продолжените топли сезони им овозможуваат на инвазивните видови комарци да се населат во региони каде што претходно беа непознати. Вирусите како денга, чикунгуња и Западнонилската треска претставуваат растечка грижа. Сезоната на пренос на Западнонилскиот вирус обично трае од доцна пролет до есен, со врв меѓу јули и септември, а оваа година веќе се регистрирани случаи во Грција, Италија, Македонија, Романија и Шпанија.

Третата ризична група се болестите пренесени преку крлежи. Иако инсектите самите по себе не се болест, инфицираните крлежи преку убод можат да пренесат вируси и бактерии кои предизвикуваат крлежски енцефалитис или Лајмска болест, состојби кои оставаат долготрајни последици по здравјето. За заштита од енцефалитис постои ефикасна вакцинација, додека при престој во природа се препорачува носење долги облеки и детален преглед на телото по враќањето дома.

Четвртата закана е вибриозата, инфекција предизвикана од бактеријата Vibrio, која брзо се размножува во топли крајбрежни води со умерен солитет. Иако овие инфекции сè уште се релативно ретки, неколку северноевропски земји околу Балтичкото Море бележат пораст за време на интензивните топлотни бранови. ЕЦДЦ препорачува да се избегнува капење во море со отворени рани и да се избегнува консумација на сурова морска храна.

За полесно следење на ризиците од оваа бактерија, ЕЦДЦ овозможува интерактивна мапа со дневно ажурирани петдневни прогнози за загрозените подрачја.

е-Трн да боцка во твојот инбокс