Најавено деветтото издание на Ecommerce Conference во Скопје: Од е-трговија до AI и дигитален раст

Вештачката интелигенција веќе ја менува брзината со која функционира дигиталниот бизнис. Деветтата по ред Регионална конференција за е-трговија годинава ќе се одржи на 3 ноември 2026 година во Националната опера и балет во Скопје, во организација на Асоцијацијата за е-трговија. Под мотото „From Wait to Go: E-comm @ AI Speed!“, настанот ја отсликува големата технолошка трансформација и преминот кон паметни системи кои носат автоматизација и ефикасност за бизнисите.

Бизнисите преминуваат кон паметни AI системи

Овогодинешниот концепт симболично ја претставува промената што веќе се случува на глобално ниво. Индустријата преминува од бавни, мануелни процеси и неизвесност, кон системи поддржани од вештачка интелигенција кои носат побрзи одлуки, автоматизација и подобра персонализација. Светлото во е-трговијата е веќе зелено, а регионалниот пазар влегува во нова ера на раст со брзина на технологијата.

Интересот за овогодинешното издание е рекорден уште од самиот старт на најавата. Првите 100 билети по специјална цена беа распродадени во рекордно време, а организаторите очекуваат ова да биде најголемото и најпосетено издание досега во главниот град. Во текот на изминатите години, овој собир прерасна во еден од најрелевантните регионални настани за дигитален бизнис.

Сцената ќе обедини светски брендови и експерти

Настанот во Скопје ќе обедини повеќе од 900 учесници од над 10 земји од регионот и Европа. Меѓу присутните ќе има е-трговци, маркетинг експерти, платформи, финтек компании, претставници на банки и логистички компании. Досега, на сцената на оваа конференција говореле бројни меѓународни експерти и професионалци од глобални компании како OpenAI, TikTok, Booking, Zalando, Alibaba, Meta, Google, Viber и Dolce & Gabbana.

Покрај програмата на главната сцена, и оваа година ќе биде организирана паралелна сцена со практични работилници на најразлични теми кои ќе придонесат за директен раст на бизнисите. Едукативните сесии ќе бидат фокусирани на конкретни дигитални алатки, AI решенија, маркетинг, аналитика и оптимизација на онлајн продажбата. Целта е учесниците да добијат применливо знаење и практични вештини што ќе можат веднаш да ги имплементираат во своето секојдневно работење.

е-Трн да боцка во твојот инбокс