Еболата излегува од контрола во Африка: СЗО предупредува на опасно ширење, укинувањето на USAID ја ослабна борбата против вирусот

Епидемијата на ебола во Демократска Република Конго се шири кон поголеми градови и соседни држави. СЗО предупредува на висок ризик, додека експерти велат дека укинувањето на дел од програмите на USAID сериозно го ослабело одговорот на кризата.

Новата епидемија на ебола во Демократска Република Конго сè повеќе излегува од контрола, додека вирусот се шири од руралните области кон поголемите градови и соседните држави. Светска здравствена организација предупредува дека ризикот од понатамошно ширење на болеста е „многу висок“.

Според податоците на генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, досега се регистрирани повеќе од 900 сомнителни случаи, од кои 101 се лабораториски потврдени. Најмалку 177 лица се поврзуваат со епидемијата, додека и во Уганда се потврдени случаи на зараза и два смртни случаи.

Вирусот се шири кон поголеми градови

Епицентарот на епидемијата се наоѓа во провинциите Итури и Северен Киву на истокот од Конго, регион кој со години е погоден од вооружени конфликти, сиромаштија и масовно раселување. Вирусот веќе стигнал до градовите Бунија и Гома, што дополнително ги зголемува стравувањата од поширока регионална здравствена катастрофа.

Жителите на погодените области велат дека покрај самата болест, се соочуваат и со огромен бран дезинформации и недоверба кон здравствените власти. „Еболата е вистинска болест. Луѓето мора да престанат да се залажуваат“, изјавила продавачката на какао Хелен Акилимали за CNN.

Погребните обичаи го забрзуваат ширењето

Здравствените власти предупредуваат дека традиционалните погребни ритуали претставуваат сериозен ризик бидејќи телата на починатите од ебола остануваат високо заразни. Локалната практика на допирање на телата за време на погребите дополнително го забрзува ширењето на вирусот, поради што властите во Итури забранија јавни собири и бдеења.

Ситуацијата дополнително се влошила кога роднини на млад човек починат од ебола насилно се обиделе да го преземат неговото тело од болница во Рвампара, по што демонстранти запалиле дел од здравствениот центар.

СЗО: Довербата е клучна

Од СЗО предупредуваат дека довербата на локалното население е клучна за ставање на епидемијата под контрола.

„Градењето доверба во погодените заедници е еден од нашите најголеми приоритети“, изјави Гебрејесус.

Дополнителен проблем е тоа што новиот сој на вирусот засега нема одобрена вакцина ниту специфична терапија.

USAID и повлекувањето на САД ја ослабеле борбата

Хуманитарните организации предупредуваат дека меѓународниот капацитет за одговор на епидемијата значително ослабел по укинувањето на голем дел од програмите на USAID. Поранешниот директор на програмата за пандемиски закани во USAID, Денис Керол, за NPR изјавил дека укинувањето на американската поддршка сериозно ја погодило инфраструктурата за рано откривање и брза реакција на епидемии. Тој предупредува и дека повлекувањето на САД од СЗО дополнително ја отежнува меѓународната координација.

„Ниту една друга земја не ја презеде улогата што претходно ја имаа САД во вакви кризи“, изјавил Керол.

Здравствениот систем пред колапс

Хуманитарците на терен предупредуваат дека здравствениот систем во источниот дел на Конго функционира на работ на колапс. Според организацијата Save the Children, клиниките немаат доволно средства за дезинфекција, заштитна опрема и лабораториска поддршка. Во меѓувреме, Африкански центар за контрола на болести работи на развој на нова вакцина, но експертите предупредуваат дека ќе бидат потребни месеци пред таа да биде подготвена.

Додека вирусот продолжува да се шири низ регион разорен од војна и сиромаштија, експертите стравуваат дека епидемијата би можела да прерасне во една од најтешките здравствени кризи во Африка во последните години.

е-Трн да боцка во твојот инбокс