Европските здравствени власти го засилуваат надзорот врз патниците што пристигнуваат од Демократска Република Конго, поради ширењето на еболата и зголемениот ризик вирусот да биде внесен на европска територија.
Според „Политико“, мерките доаѓаат во момент кога епидемијата во Конго станува сè посериозна, а здравствените служби се соочуваат со тешкотии во контролирањето на ширењето.
До понеделник, во Конго биле регистрирани повеќе од 900 сомнителни случаи на ебола и најмалку 223 смртни случаи, но се проценува дека реалниот број може да биде поголем. Во соседна Уганда, која граничи со Конго, досега се потврдени седум случаи.
Порано оваа недела Италија пријави два сомнителни случаи кај патници што пристигнале од Уганда, но тестирањето подоцна покажало дека тие не се заразени со ебола.
Аеродромите под зголемен надзор
Европскиот центар за превенција и контрола на болести работи на модели за проценка на веројатноста вирусот да влезе во Европа. Агенцијата соопшти дека соработува и со воздухопловниот сектор за зајакнување на безбедноста на патниците.
Белгија во моментов одржува дневни директни летови кон Конго. „Брисел ерлајнс“ соопшти дека прави промени во распоредот на екипажите поради американските ограничувања за лица што доаѓаат од погодениот регион, но нагласи дека тоа нема да влијае врз редовниот распоред на летови.
Од авиокомпанијата велат дека во вакви услови летовите се особено важни, бидејќи овозможуваат погодениот регион да остане поврзан и да стигнат потребни лекови, медицинска опрема и здравствени работници.
Редок сој без одобрена вакцина
Епидемијата е предизвикана од сојот Бундибуџо, за кој во моментов нема одобрени лекови или вакцини. Светската здравствена организација соопшти дека разговара со производители на две експериментални вакцини.
Германската компанија за дијагностика „Алтона“ најавила дека во наредните недели планира да обезбеди тест за овој специфичен сој на ебола.
Од СЗО предупредуваат дека конфликтите во регионот, слабата инфраструктура и реткиот сој на вирусот ја прават контролата на епидемијата исклучително тешка. Дополнителен проблем се нападите врз здравствени установи, кои се случуваат кога локални жители се обидуваат да ги преземат телата на починатите за погреб.
Здравствените власти предупредуваат дека ваквите практики можат да доведат до нови инфекции, бидејќи телата на починатите од ебола се високо заразни.
Европа испраќа дополнителна експертска помош
Европската агенција за превенција и контрола на болести распоредува дополнителни ресурси од својата мрежа на експерти за да помогне на терен.
Според агенцијата, посилното присуство ќе овозможи собирање подетални информации за излезниот скрининг, односно проверките на патниците пред да ја напуштат погодената област. Тоа се смета за клучно за намалување на ризикот од патување на лица со симптоми.
Во исто време, европските земји треба побрзо да добиваат ажурирани проценки на ризик и препораки за своите граѓани.