Мегаракетата Starship на компанијата SpaceX не успеа да го започне својот 13. пробен лет, откако лансирањето беше прекинато во последен момент поради проблем со моторите. Обидот за полетување од тест-полигонот Starbase во Јужен Тексас беше прекинат во четвртокот, непосредно пред планираното лансирање во 18:45 часот по локално време. При стартувањето на моторите од првата фаза, системот автоматски го прекинал одбројувањето.
„Некои од моторите не се вклучија, што предизвика автоматско откажување на лансирањето“, напиша извршниот директор на SpaceX, Илон Маск, на платформата X. Маск подоцна објави дека два мотори Raptor ќе бидат отстранети и заменети за да се обезбеди безбеден лет, а нов обид се очекува на почетокот на следната недела.
Акциите на SpaceX паднаа по прекинот
По неуспешниот обид за лансирање, акциите на SpaceX паднаа за повеќе од 3 отсто во продолженото тргување, продолжувајќи ја петдневната серија на загуби. Компанијата неодамна излезе на берзата со големо внимание од инвеститорите, а акциите накратко паднаа под почетната IPO цена од 135 долари. На последното тргување тие завршија на 131,11 долари.
Овој лет требаше да биде прв тест на надградената верзија Starship V3 – ракета висока околу 400 стапки, која е клучна за идните планови на SpaceX. Во рамките на мисијата беше планирано лансирање на 20 сателити од новата генерација Starlink, кои требаше да ги тестираат подобрените соларни панели и комуникациски системи.
Starship е клучен проект за плановите на SpaceX за проширување на сателитската интернет мрежа Starlink, но и за идните мисии на NASA, вклучително и програмата „Артемис“ за враќање на луѓето на Месечината.
Претходниот тест исто така заврши со проблеми
Претходниот пробен лет на верзијата V3 во мај не помина целосно успешно. Иако ракетата полета, неколку мотори на долниот дел од системот не успеале повторно да се активираат при обидот за контролирано слетување, по што засилувачот паднал во Мексиканскиот Залив. По истрагата, Федерална администрација за авијација (FAA) му дозволи на SpaceX повторно да продолжи со тестирањата, откако компанијата презеде корективни мерки на хардверот и софтверот.
И покрај проблемите, SpaceX продолжува да го развива Starship како најмоќната ракета во историјата, со цел идни мисии кон Месечината и, во подолг рок, кон Марс.