ДЗР откри близу 50 милиони евра ненаплатен данок на имот во општините

Државниот завод за ревизија откри дека општините во Македонија останале покуси за близу 50 милиони евра од ненаплатен данок на имот во периодот од 2020 до 2024 година. Извештајот укажува на сериозни пропусти во системот – од неажурирани регистри и застарена методологија за пресметка, до катастрофален недостиг на кадар, со само 16 даночни инспектори во целата држава. Поради неефикасноста, речиси 4 милиони евра долгови се отпишани.

Главниот проблем што го констатира ДЗР е застарената методологија за пресметка на вредноста на објектите. Таа не ги опфаќа новите видови објекти и материјали. Се применуваат цени кои со години не се ажурирани и не ја рефлектираат реалната пазарна вредност. Ова директно резултира со потценување на даночната основа и помалку приходи за општините. Само 15 општини имаат спроведено ревизија на пазарната вредност, што според ревизорите укажува на нееднаква примена на прописите.

Општините не ги користат фискалните капацитети за прибирање даноци, како што се навремената наплата, каматите за доцнење и присилната наплата. Резултатот се 47,7 милиони евра ненаплатени побарувања за четири години, како и отпис на 3,8 милиони евра. Податоците се уште позагрижувачки ако се земе предвид дека 67 отсто од ненаплатените побарувања, или над 18,9 милиони евра, се постари од пет години. Тоа јасно укажува на слаб фискален напор од страна на локалните власти.

Администрирањето на даноците е отежнато и поради недостиг на ресурси. Општините се соочуваат со непополнети работни места во даночните одделенија и мал број проценители. Надзорот е неефикасен – Управата за јавни приходи има само еден инспектор за оваа намена, а во сите општини заедно работат вкупно 16 даночни инспектори. Тие вршат проверка дали обврзниците пријавиле данок, но немаат надлежност да изрекуваат глоби. Дополнителен товар се нецелосните регистри и неповрзаните софтверски решенија, кои го оневозможуваат реалното следење на обврзниците и наплатата.

Ревизијата утврди слабости и во наплатата на комуналните такси. Тарифите не се ажурирани, а утврдувањето и наплатата често се вршат без издадени решенија и без регистар на обврзници. Од осум комунални такси, само три се администрираат во повеќе од половина општини, додека останатите пет се наплаќаат во помалку од 25 отсто од општините. Руралните општини генерално покажуваат послаб фискален капацитет од урбаните, со исклучок на Петровец, Илинден и Чучер Сандево.

е-Трн да боцка во твојот инбокс