Изминативе два дена, локалните власти изјавуваа дека се постојано на терен и дека веднаш се фатиле со расчистување, но сликата на терен покажува нешто друго. Градскиот парк останува нефункционален за користење на граѓаните со паднати дрвја и гранки на сите страни, вклучително и на самите пешачки патеки.

Низ Градски парк може да се видат паднати стебла веднаш до клупите за одмор на граѓаните, по пешачките патеки, до детските игралишта, а има и такви кои се до паркинг местата на влезот на паркот.

Во периоди кога температурите во Скопје достигнуваат над 30 степни, Градски парк остана едно од ретките места со густа природна сенка, но поради неактивноста на локалните власти за да се расчисти, овие денови и тој остана недостапен за нив.

Скопје на 21 јули беше погоден од урагански ветер со брзина од 130 километри на час, што предизвика огромни штети низ градот и повреди најмалку 33 лица.



