Светски медиумски самит

Светски медиумски самит: Вештачката интелигенција треба да се регулира на глобално ниво

Околу 500 претставници од 112 земји и региони учествуваа на седмиот Светски медиумски самит во Пекинг, на кој беше истакната потребата од меѓународна соработка и заеднички стандарди за употреба на вештачката интелигенција во медиумите.

Медиумските организации треба да соработуваат на глобално ниво и да ги здружат знаењето и ресурсите за вештачката интелигенција да се користи во медиумите на најефикасен начин, со што помал ризик. Ова е една од главните пораки на седмиот Светски медиумски самит, одржан во Пекинг.

Самитот, под наслов „Медиумите во ерата на интелигенцијата: од консензус до акција“, собра околу 500 претставници од приближно 330 институции од 112 земји и региони. Меѓу учесниците имало медиумски организации, истражувачки центри, владини агенции, Обединетите нации и други меѓународни организации.

Потребата од глобално дејствување за побезбедна и поефикасна примена на вештачката интелигенција во медиумите беше и главниот мотив за одржување на собирот, организиран од кинеската новинска агенција „Синхуа“. Самитот се совпадна и со одбележувањето на 95-годишнината од нејзиното основање.

Глобална иницијатива за заеднички стандарди

На самитот беше претставена Глобалната медиумска иницијатива за развој на заеднички стандарди за примена на вештачката интелигенција, покрената со учество на повеќе од 20 партнери. Иницијативата треба да послужи како рамка за меѓународна медиумска соработка, со дефинирани основни принципи, области на примена, начини на евалуација и механизми за заедничко дејствување.

Особено внимание привлече претставувањето на агентот со вештачка интелигенција „Синхуа Јусијан“, како и извештајот „ВИ плус медиуми: Глобален извештај 2026“, кој ја прикажува сè подлабоката интеграција на вештачката интелигенција во различните аспекти на медиумското работење.

Јазичната разновидност како предизвик

На панелот посветен на улогата на комуникацијата овозможена од вештачката интелигенција во размената меѓу цивилизациите, беше истакната и потребата од заштита на јазичната разновидност.

Во дискусијата беше посочено дека во светот се користат повеќе од 7.000 јазици, од кои многумина се изложени на ризик од исчезнување. Истовремено, речиси половина од светското население зборува околу 20 јазици како мајчин јазик.


Вештачката интелигенција веќе има можности да помогне во зачувувањето и пренесувањето на бројни јазици, кои се темел на културата и идентитетот на секоја заедница.

е-Трн да боцка во твојот инбокс