Тројца астронаути и еден руски космонаут поставија нов рекорд за најбрзо патување на американско вселенско летало со екипаж до Меѓународната вселенска станица (ISS). Екипажот на мисијата Crew-13 на SpaceX стигна до станицата за само седум часа и 55 минути по лансирањето, соопшти НАСА.
Мисијата беше лансирана од вселенскиот центар Кејп Канаверал на Флорида, со капсулата Dragon на SpaceX. Во екипажот се астронаутите на НАСА Џесика Воткинс и Лук Дилејни, канадскиот астронаут Џошуа Катрик и рускиот космонаут Сергеј Тетерјатников.
Воткинс е командантка на мисијата, Дилејни е пилот, додека Катрик и Тетерјатников се специјалисти на мисијата. За Воткинс ова е второ патување во вселената, додека за останатите тројца ова е прв престој во орбитата.
Лансирањето беше одложено поради дефект
Crew-13 првично требаше да полета во средината на септември, но лансирањето беше одложено откако во подготовките беше откриено истекување во системот на капсулата Dragon. НАСА и SpaceX го заменија вентилот во погонскиот систем, по што лансирањето беше презакажано за почетокот на октомври.
Екипажот треба да помине околу шест месеци на ISS.
Меѓу истражувањата што ќе ги спроведуваат се експерименти со ткива добиени од човечки матични клетки, со цел подобро разбирање на срцевите заболувања и Паркинсоновата болест.Ќе се истражува и одгледување растенија за долготрајни вселенски мисии, како и промените во циркулацијата на крвта во услови на микрогравитација.
Резултатите од овие истражувања би можеле да бидат важни и за подготовките за идни мисии кон Месечината и Марс.
Не е најбрзото патување до ISS во историјата
Иако Crew-13 го постави рекордот за најбрзо патување на американско вселенско летало со екипаж до ISS, тоа не е апсолутниот рекорд. Тој и понатаму го држи руското летало „Сојуз“, кое во октомври 2020 година стигна до Меѓународната вселенска станица за нешто повеќе од три часа.
По пристигнувањето, екипажот на Crew-13 им се приклучи на астронаутите од Експедиција 75 кои веќе престојуваат на станицата. По примопредавањето, екипажот на Crew-12, кој на ISS е од февруари, треба да се врати на Земјата. Меѓународни екипажи непрекинато престојуваат и спроведуваат истражувања на ISS од 2000 година.
Станицата орбитира околу Земјата со брзина од околу 28.000 километри на час и прави една обиколка околу планетата приближно на секои 90 минути.