Меѓународен ден на ненасилството: зошто мирниот протест може да биде толку силен?

На роденденот на Махатма Ганди светот го одбележува Меѓународниот ден на ненасилството. Истражувањето на Ерика Ченовет и Марија Стефан покажува значајна разлика меѓу ненасилните и насилните кампањи, а и Македонија има своја приказна за протест со боја наместо со камен.

На 2 октомври се одбележува Меѓународниот ден на ненасилството, на роденденот на Махатма Ганди. Генералното собрание на ОН го воспостави денот во 2007 година, со цел да се промовира идејата за ненасилство преку образование и јавна свест.

Ганди е роден на 2 октомври 1869 година во Порбандар, Индија. Неговиот Солен марш од 1930 година, кога со илјадници следбеници пешачел речиси 400 километри до морето во знак на отпор кон британскиот монопол врз солта, стана еден од најпознатите примери за ненасилен отпор. Неговите методи влијаеја врз Мартин Лутер Кинг и бројни други активисти и движења. Но дали ненасилството навистина функционира или е само морален идеал?

Бројките покажуваат разлика

Американските политиколози Ерика Ченовет и Марија Стефан го проучувале успехот на голем број насилни и ненасилни кампањи за политичка промена во периодот од 1900 до 2006 година. Во нивното истражување, ненасилните кампањи постигнале цел во 53 отсто од случаите, во споредба со 26 отсто кај насилните кампањи. Истражувачите заклучиле и дека ненасилните движења во просек успевале да мобилизираат многу поголем број луѓе.

Причината не е само морална. Ненасилниот отпор создава помали бариери за учество – не бара оружје или физичка сила, па во него можат да се вклучат многу пошироки групи луѓе. Но тоа не значи дека секој мирен протест успева. Самата Ченовет нагласува дека успехот зависи и од организацијата, истрајноста, стратегијата, разновидноста на тактиките и способноста движењето да привлече поширока поддршка.

Што е правилото од 3,5 отсто?

Еден од најпознатите наоди од работата на Ченовет е таканареченото „правило од 3,5 отсто“. Во нејзиното истражување, движењата што успеале да мобилизираат најмалку 3,5 отсто од населението во активна масовна акција биле исклучително успешни. Но Ченовет предупредува дека бројката не треба да се сфаќа како математичка формула за успех. Таа е показател извлечен од конкретен историски примерок, а не гаранција за идни протести.

Токму затоа ненасилството не значи пасивност.Тоа е стратегија на притисок преку масовно учество, штрајкови, бојкоти, непослушност, блокади и други форми на одбивање соработка.

Македонскиот протест со боја

И Македонија има своја приказна за отпор без оружје. Шарената револуција започна на 12 април 2016 година, откако тогашниот претседател Ѓорге Иванов прогласи помилувања за 56 лица опфатени со истрагите поврзани со скандалот со прислушувањето. Протестите што следуваа станаа познати како Шарена револуција. Почетокот не беше целосно мирен. Истата вечер во Скопје имаше судири и беше нападната канцеларијата на претседателот.

Но движењето набргу го пронајде својот симбол. На 15 април беше фрлена боја врз фасадата на Порта Македонија, по што протестите го добија името „Шарена револуција“. Следните недели, секој ден од 18 часот, улиците на Скопје беа исполнети со граѓани. Протестите се проширија и во други градови. Бојата наместо каменот стана еден од препознатливите симболи на движењето. Наместо скршени излози, на фасадите остануваа шарени траги и пораки. Движењето имаше и противници. Група жени со сунѓери и вода ја чистеше обоената Порта Македонија.

Без камен, но не без сила

Ганди бил убиен на 30 јануари 1948 година, само неколку месеци по независноста на Индија. Неговата идеја, сепак, продолжила да живее. Од граѓански права и борба против колонијализмот до современи студентски и демократски движења, ненасилниот отпор останува една од најпроучуваните форми на политичка и општествена мобилизација.

Не затоа што секогаш успева.Туку затоа што историјата покажува дека мирниот протест може да биде многу повеќе од мирно стоење на улица. Може да биде организиран начин за поместување на моќта.

е-Трн да боцка во твојот инбокс