Преспанското јаболко падна на 4 денари за килограм: „Поскапа е и мастиката“

Почна бербата во Преспа, но овоштарите велат дека со сегашните откупни цени тешко ги покриваат трошоците. Дел од субвенциите за реколтата од 2024 година сè уште ги чекаат.

Во Преспа започна бербата на јаболката од овогодишната реколта, но наместо со очекувања за добра сезона, овоштарите ја започнуваат бербата со ниски откупни цени и, како што велат, неисплатени субвенции. Индустриското јаболко моментално се откупува за околу 4 денари за килограм, додека откупната цена на конзумното јаболко е околу 15 денари.

„За 4 денари нема ни мастика во продавница“, вели Кире Карапалевски, претставник на јаболкопроизводителите од Преспа и член на Националната земјоделска мрежа.

Според него, минатата година индустриското јаболко се откупувало за 10 до 11 денари за килограм, а конзумното за 25 до 30 денари.

„Годинава цената е катастрофална“, вели Карапалевски.

Овоштарите велат дека немаат со што да ја платат бербата

Производителите велат дека проблемот не е само во откупната цена. Тие сè уште очекуваат и исплата на субвенциите од 2 денари за килограм предадено јаболко за реколтата од 2024 година. Овоштарите вчера се приклучија на протестот на земјоделците и сточарите во Тополчани, при што беше блокиран патот Битола–Прилеп.

Карапалевски вели дека трошоците за бербата дополнително го зголемуваат притисокот врз производителите.

„Еден работник да го викнеш денес да ти работи на берба бара 50 евра. Не можеме со јаболката што ќе ги собереме да ги платиме работниците“, вели тој.

На 27 септември, на почетокот на бербата во Ресен, присуствуваше и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Борче Серафимовски, кој на производителите им посака успешна сезона.

Од страна на овоштарите, сепак, останува прашањето кога ќе бидат исплатени средствата што ги очекуваат.

Министерството: Барањата се обработуваат

Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство велат дека субвенциите се однесуваат на јаболката предадени во 2024 година, со рок за предавање до 2025 година.

„Постапката за оваа подмерка е во тек и сите производители што навремено поднеле барање и ги исполнуваат утврдените услови ќе бидат опфатени со финансиската поддршка“, велат од Министерството.

Во однос на откупната цена, од МЗШВ посочуваат дека станува збор за пазарна категорија и дека Министерството не може административно да ја определува.

Оттаму додаваат дека комуницираат со производителите, откупувачите и преработувачите за организирано преземање и пласман на родот, додека Државниот инспекторат за земјоделство го следи откупот на терен.

Министерството информира и дека Предлог-законот за уредување на пазарите со земјоделски производи е во фаза на јавна расправа. Според МЗШВ, целта е да се воспостават појасни правила и поголема одговорност во односите меѓу производителите, откупувачите и преработувачите.

Преспанското јаболко под притисок

Преспа со децении е еден од главните центри на производство на јаболка во земјава и често се нарекува „македонска Калифорнија“.

Но, производителите последните години се соочуваат со комбинација од климатски ризици, производни трошоци и нестабилни откупни цени.

Овогодишната берба така започнува со јаболко кое на откупниот пункт вреди само неколку денари за килограм, додека зад секој килограм стојат трошоци за производство, работници, транспорт и одржување на насадите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс