Најпознатата фотографка на ѕвездите денес полни 77 години

Ени Лајбовиц на улиците во Сараево: Како настана култната фотографијата со велосипедот

Пред повеќе од три децении, Лајбовиц ги остави студијата и славните лица и замина во град под опсада, од каде донесе една од највпечатливите фотографии од војната во Босна.
HyperFocal: 0

Ени Лајбовиц е родена на 2 октомври 1949 година во Вотербери, Конектикат. Светот ја познава по портретите на ѕвездите и по насловните страници на „Ролинг стоун“ и „Венити фер“. Нејзината фотографија на Џон Ленон и Јоко Оно, направена само пет часа пред убиството на Ленон, стана една од најпознатите насловни фотографии во историјата на „Ролинг стоун“. Но во летото 1993 година, Лајбовиц фотографираше нешто сосема поинакво.

Патот до Сараево

Лајбовиц ја запозна американската писателка Сузан Зонтаг во 1989 година, кога ја фотографираше за нејзината книга „СИДА и нејзините метафори“. Средбата прерасна во долгогодишна лична и професионална врска, која траеше до смртта на Зонтаг во 2004 година. Зонтаг беше силно ангажирана околу случувањата во Босна. Во 1993 година Лајбовиц отпатува во Сараево за време на војната, патување за кое подоцна велеше дека веројатно не би го направила без поттикот на Зонтаг.

Градот тогаш веќе повеќе од една година беше под опсада, а српските сили го гранатираа од околните ридови. Храната и водата беа ограничени, а лековите тешко достапни.

Зонтаг се врати во Сараево на 19 јули 1993 година за да ја режира претставата „Чекајќи го Годо“ на Семјуел Бекет. Таа и актерите работеа по десет часа дневно во жешкото и тешко лето, а пробите често се одвиваа под светлина на свеќи.

Породилиштето без анестезија

Штом пристигна, Лајбовиц почна да фотографира. Меѓу првите места што ги посети беше породилиштето во болницата „Кошево“, каде жените се породуваа без анестезија. Тоа беше Лајбовиц каква што публиката дотогаш поретко ја гледаше. Без студио, без осветлување, без шминкери и стилисти. Само црно-бел филм и град што живее под гранати.

Најпознатата фотографија од тоа патување прикажува детски велосипед паднат покрај дамка крв во форма на полукруг. Фотографијата е позната под описот „Сараево, паднат велосипед на тинејџер штотуку убиен од снајпер“.

Приказната зад неа е уште потешка.

Според сведоштвото на Лајбовиц, фотографијата била направена откако момчето на велосипедот било погодено во близина на нивниот автомобил. Го ставиле во автомобилот и го испратиле во болница, но починало на патот. Фотографијата е снимена на црно-бел филм „Кодак Т-Макс“. На неа нема човек, само неговото отсуство.

Токму тоа ја прави толку силна: велосипедот останува како трага од животот што исчезнал за неколку секунди.

За Лајбовиц, Сараево било пресвртница. Наместо портрети на познати личности, таа се свртела кон документарна фотографија и кон теми во кои војната, страдањето и секојдневниот живот се неразделни. Искуството во Сараево било поврзано и со влијанието на Зонтаг, која го напиша есејот за фотографијата.

Театарот, сепак, имаше свои граници. Сараевскиот „Годо“ се обиде да одговори на некои од прашањата на Зонтаг за смислата на уметноста во време на војна. Но не можеше да го спаси момчето на велосипедот.

По Сараево…

Зонтаг се врати во Босна уште седум пати пред потпишувањето на Дејтонскиот договор во 1995 година. Лајбовиц продолжи да фотографира воени подрачја, меѓу другото и во Руанда. Зонтаг била и една од соработничките на книгата „Жени“ од 1999 година, збирка портрети на жени од различни сфери на животот. По смртта на Зонтаг и на својот татко, само неколку недели една по друга, Лајбовиц ја составила книгата „Живот на една фотографка“, која ја опишала како мемоари во фотографии.

Во 2005 година Лајбовиц ги доби своите ќерки Сузан и Самуела, именувани по Зонтаг и по нејзиниот татко. Денес, на 77-годишнината, за Лајбовиц најчесто се зборува преку нејзините спектакуларни портрети на кралици, актерки и рок-ѕвезди. Но една од нејзините најсилни фотографии нема ниту едно славно лице.Има само велосипед, улица во Сараево и дамка крв.

е-Трн да боцка во твојот инбокс