Руски напад врз Киев: Загина едно лице, оштетена 25-катница

Во нападот се повредени уште две лица, а погодени се и инфраструктурни објекти во украинската престолнина, меѓу кои и Јужниот мост над Днепар.

Едно лице загина, а две се повредени во руски воздушен напад врз Киев, соопштија украинските власти. Во нападот е оштетена и станбена зграда со 25 ката во Дарничкиот округ на украинската престолнина.

Според извештаите, во текот на ноќта биле регистрирани повеќе напади со беспилотни летала, при што биле оштетени станбени и инфраструктурни објекти.

Погоден и Јужниот мост

Руски беспилотни летала повторно го нападнале Јужниот мост над реката Днепар, важна сообраќајна врска во Киев.

Нападите предизвикале пожари и сериозни нарушувања во сообраќајот. По нападите, Јужниот и Патоновиот мост биле затворени за сообраќај, додека пристапот преку Метро мостот бил ограничен.

На 1 октомври руски дрон погодил и училиште во Киев. Учениците и вработените во моментот на нападот биле во засолниште, па немало повредени. Подоцна специјалисти за деактивирање експлозивни направи отстраниле неексплодирана бојева глава од дронот.

Русија тврди дека меѓу целите на нападите биле објекти што ги користи украинската војска, како и енергетска инфраструктура и Јужниот мост.

Нападите врз Киев продолжуваат во услови на засилена воздушна кампања во која руските сили користат комбинација од беспилотни летала и ракети. Украинските власти во последните недели пријавуваат оштетувања и жртви во различни делови од главниот град.


е-Трн да боцка во твојот инбокс