Светски ден на детето

Речиси секое трето дете во Македонија живее во ризик од сиромаштија

Податоците на УНИЦЕФ и ДЗС откриваат висока стапка на детска сиромаштија, додека 20.000 деца немаат здравствена заштита.

Светскиот ден на детето Македонија го одбележува со речиси 120 илјади деца кои живеат во ризик од сиромаштија. Фокусот на меѓународната заедница е правото на децата да бидат слушнати, но податоците на УНИЦЕФ и Државниот завод за статистика за Македонија покажуваат сериозни системски проблеми во здравствената, образовната и социјалната заштита на децата.

29,5 отсто од децата во Македонија, односно околу 120 илјади деца се изложени на ризик од сиромаштија, покажуваат бројките на ДЗС и УНИЦЕФ. Дополнително, 32 отсто од децата живеат под националниот праг на сиромаштија, а 40 отсто се соочуваат со мултидимензионална сиромаштија.

Тоа на терен се отсликува со ограничен пристап до основните услуги. Околу 20 илјади деца во земјава немаат здравствена заштита, а помалку од 37 отсто одат во градинка или друга предучилишна установа. Здружението СОС Детско село и УНИЦЕФ веќе повикаа на итна акција за надминување на овие бариери.

Светскиот ден се одбележува од 1954 година на 20 ноември, датум кој ги поврзува усвојувањето на Декларацијата за правата на детето во 1959 година и усвојувањето на Конвенцијата за правата на детето во 1989 година.

Македонија ја ратификуваше Конвенцијата како независна држава на 2 декември 1993 година, по претходната ратификација во рамки на поранешна Југославија на 26 јануари 1990 година.


Кампањата на УНИЦЕФ за 2026 година се одвива под мотото „Мој ден, мои права, моја иднина“ и го става акцентот врз правото на децата да бидат слушнати при носењето одлуки што директно ги засегаат нивните животи.

е-Трн да боцка во твојот инбокс