Компанијата конечно ги објави долгоочекуваните планови за излегување на берза, откривајќи за првпат детали за своите финансии и работење. Spase X ќе тргува под ознаката SPCX, а според првичните проценки, ова би можело да стане најголемото IPO во историјата.
Иако приходите на SpaceX минатата година пораснале за 33 проценти и достигнале 18,7 милијарди долари, компанијата повторно прикажала огромна загуба. Во 2025 година загубила речиси 5 милијарди долари, а само во првите три месеци од оваа година минусот веќе достигнал 4,3 милијарди.
Најголемиот дел од трошоците бил насочен кон развој на вештачка интелигенција, дата-центри и ширење на мрежата. Компанијата инвестира и во нови ракети и вселенски технологии со кои сака да овозможи човечки живот надвор од Земјата.
Во официјалниот документ, SpaceX наведува дека крајната цел е „животот да стане мултипланетарен“, а Маск повторно ја спомена амбицијата за создавање постојана човечка колонија на Марс.
И покрај излегувањето на берза, Маск ќе ја задржи речиси целосната контрола врз компанијата, бидејќи поседува повеќе од 85 проценти од гласачките права.
Интересно е што неговата официјална годишна плата останува непроменета од 2019 година и изнесува нешто повеќе од 54 илјади долари. Сепак, преку системот на бонуси и акции, Маск би можел да добие стотици милиони дополнителни акции ако компанијата ги исполни амбициозните цели. Токму затоа, аналитичарите сметаат дека излегувањето на SpaceX на берза може да го направи Илон Маск првиот човек во историјата со богатство од еден билион долари.