Наследниците на Џорџ Мајкл покренаа тужба против неговиот поранешен менаџер и пријател Андрос Георгиу поради објавување 90 минути досега необјавени снимени материјали од 1992 и 1993 година. Георгиу започна да наплаќа за пристап до незавршениот албум Trojan Souls, тврдејќи дека сакал да ги спречи третите лица кои со децении профитирале од снимките на платформата Јутјуб.
Правниот спор се однесува на околу 90 минути видеоматеријал на кој е прикажан пејачот на групата Wham!. Георгиу минатиот месец лансираше веб-страница на која им наплаќаше на обожавателите по 4,99 британски фунти за 48-часовен пристап до филмот насловен Trojan Souls – The Greatest Album That Was Never Made.
Георгиу изјави дека материјалот го снимил тој со приватна камера добиена од компанијата Sony за време на турнејата Faith во Јапонија. Тој тврди дека снимањето било со целосно одобрение на Мајкл и дека проектот се развивал под неговата дискoграфска куќа Hardback Records.
Проектот Trojan Souls требаше да биде голем музички потфат што планираше да обедини имиња како Елтон Џон, Стиви Вондер, Џанет Џексон, Арета Френклин, Брајан Фери, Сил и Шаде. Сепак, работата на албумот беше прекината кога здравствената состојба на тогашниот партнер на Мајкл, Анселмо Фелепа, се влоши. По смртта на Фелепа во 1993 година, музичарот никогаш не се врати да го заврши материјалот.
Поранешниот менаџер тврди дека снимките протекувале во јавноста повеќе од 30 години и постојано се појавувале на платформата Јутјуб. Според неговите зборови, одлуката самиот да го објави филмот дошла откако сфатил дека не може да го спречи илегалното ширење и дека други луѓе заработуваат од неговиот приватен материјал.
„Џорџ би се превртувал во гробот кога би знаел дека неговите адвокати трошат од неговите пари за да ме тужат мене“, изјави Георгиу за медиумите.
Правната акција ја покренаа компаниите Robobuild Limited и Big Geoff Overseas Limited, холдинг-структури преку кои Мајкл управуваше со авторските хонорари и светските турнеи. Тужбата ги опфаќа Георгиу и компанијата Tribe Media.