Samsung со неверојатен раст: Профитот скокна за 1.800 проценти поради бумот на AI чиповите

Samsung Electronics забележа раст на оперативниот профит од околу 1.800 проценти благодарение на огромната побарувачка за мемориски чипови за вештачка интелигенција и дата-центри.

Вештачката интелигенција продолжува да ја менува глобалната технолошка индустрија, а еден од најголемите победници во новата ера е јужнокорејскиот гигант Samsung Electronics. Компанијата објави дека очекува оперативниот профит за периодот од април до јуни 2026 година да порасне за околу 1.800 проценти, благодарение на огромната глобална побарувачка за мемориски чипови наменети за системи со вештачка интелигенција.

Samsung остварил оперативен профит од 89,4 трилиони вони, што е околу 58,4 милијарди долари, а продажбата достигнала околу 171 трилион вони. Ова е трет последователен квартал со рекордни резултати за компанијата. Главниот двигател на растот е пазарот на полупроводници, каде што побарувачката за чипови за AI дата-центри значително ја надминува понудата. Тоа доведе до зголемување на цените на мемориските компоненти.

Истражувачката компанија IDC проценува дека побарувачката за чипови потребни за инфраструктурата на вештачката интелигенција е без преседан за индустријата. „Очекуваме понудата да остане ограничена во текот на следната година поради огромната побарувачка од центрите за податоци со вештачка интелигенција“, изјави аналитичарот на IDC, Брајан Ма.

Samsung е еден од најголемите производители на полупроводници во светот и произведува чипови за глобални компании како Nvidia и Google, покрај сопствената линија на електронски производи. И покрај одличните резултати, акциите на Samsung паднаа за повеќе од 8 проценти на берзата во Сеул, бидејќи дел од инвеститорите очекуваа уште поголем профит. Сепак, пазарната вредност на компанијата од почетокот на годината се зголеми повеќе од двојно.

Јужна Кореја дополнително ја зајакнува својата позиција во глобалната трка за чипови. Владата неодамна објави планови за инвестиции од најмалку 880 милијарди долари во проекти предводени од Samsung и SK Hynix, со цел проширување на домашното производство.

Глобалната борба за производство на најмоќните чипови станува една од клучните економски и стратешки битки на ерата на вештачката интелигенција.

е-Трн да боцка во твојот инбокс