Двете книги со драми од Дејан Дуковски премиерно на фестивалот „Војдан Чернодрински”

Дејан Дуковски е драматург, драмски писател и сценарист познат по драмите „Буре барут”, „Балканот не е мртов” и „ММЕ кој прв почна“

Во рамките на фестивалот „Војдан Чернодрински”, на 7 јуни (недела), во 18 часот ќе се одржи промоција на двете книги со драми во издание на „Арс Ламина”, на еден од најзначајните македонски драмски автори – Дејан Дуковски.

На настанот, кој ќе се одржи во фоајето на НУЦК „Марко Цепенков” во Прилеп, покрај Дуковски ќе се обратат и уредничката на книгите Оливера Ќорвезироска и Ана Стојаноска (директорка на фестивалот „Војдан Чернодрински”), која е и авторка на поговорот.

Изданијата, насловени „ДРАМИ – Книга 1″ и „ДРАМИ – Книга 2″, се објавени во рамките на едицијата „Македонски книжевни класици”, под импринтот „Арс Либрис”.
Во првата книга се застапени драмите: „Балканот не е мртов”, „Буре барут”, „Маме му ебам кој прв почна”, „Другата страна” и „Празен град”. Во неа има и впечатлив предговор од Слободан Унковски, нашиот истакнат режисер, кој тесно соработува со Дуковски уште од неговите почетоци.

Втората книга ги содржи: „Утерус”, „Изгубени Германци”, „Дух кој оди”, „Последниот балкански вампир” и „Црно злато (Опиум или Пари)” – најновиот драмски текст на Дуковски, кој годинава ја имаше својата праизведба во Белград, а до крајот на годинава ќе биде поставен и на сцената на Македонскиот народен театар во Скопје.

Дејан Дуковски (1969, Скопје) е драматург, драмски писател и сценарист. Дипломирал драматургија на Факултетот за драмски уметности во Скопје, во класата на Горан Стефановски. Неговите драми, меѓу кои: „Буре барут”, „Балканот не е мртов” и „Маме му ебам кој прв почна”, се поставувани на повеќе од сто сцени низ светот и се преведени на многу јазици, што го прави најизведуваниот македонски драмски автор.

Двете книги „ДРАМИ” претставуваат значаен придонес за македонската книжевна и театарска сцена – можност новите генерации да го откријат, а постарите читатели одново да му се навратат на еден од најмоќните драмски гласови кај нас.

Книгите, кои веќе се достапни во сите поголеми книжарници и онлајн преку www.literatura.mk, ќе може да се набават и за време на настанот во НУЦК „Марко Цепенков”.

е-Трн да боцка во твојот инбокс