Ново истражување на јавното мислење открива дека две третини од граѓаните на Европската Унија би го поддржале враќањето на Велика Британија во блокот. Истовремено, мнозинството британски гласачи признаваат дека Брегзит негативно влијаел врз прашањата што им се најважни и сакаат поблиски врски со Брисел, прифаќајќи дури и нивоа на интеграција, како што е слободното движење на луѓе, кои долго време се сметаа за политички токсични.
Десет години по референдумот за Брегзит, сондажата спроведена од тинк-тенкот Европски совет за надворешни односи, покажа дека дури 66% од испитаниците во 15 земји-членки сметаат дека британското членство е многу добра, добра или ниту добра, ниту лоша идеја. Овој просек убедливо го надминува процентот на оние кои претпочитаат само поблиски односи или задржување на сегашниот статус кво. Поддршката за враќање на Островот во ЕУ варира од најниски 56% во Бугарија и 59% во Франција и Италија, па сè до високи 75% во Холандија и Данска.
Дури и гласачите на екстремно десничарските и евроскептичните партии изјавиле дека би поддржале поблиски односи меѓу Унијата и Обединетото Кралство, вклучувајќи го и мнозинството поддржувачи на полската Конфедерација, германската АфД и францускиот Национален собир. Многу европски лидери веќе го рефлектираат ваквиот став. Францускиот претседател Емануел Макрон постојано повторува дека вратата е секогаш отворена, а шпанскиот премиер Педро Санчез изјави дека Шпанија апсолутно би го поддржала британското членство. Претседателот на Финска, Александар Стуб, експлицитно ја именуваше Велика Британија како кандидат за членство, порачувајќи дека на Европа и е потребен британскиот глас и дека навистина им недостигаат.
Во Велика Британија, пак, анкетата спроведена во мај покажува дека гласачите од речиси сите политички табори веруваат дека Брегзит имал негативно влијание врз земјата и врз клучните прашања кои беа во центарот на дебатата пред една деценија. Британските испитаници посочуваат дека излезот од ЕУ директно ги погодил нивните главни приоритети, како што се трошоците за живот, економијата, можностите за младите, илегалната имиграција и трговијата. Интересно е што дури и мнозинството од оние кои гласаа за излез сега признаваат дека Брегзит само ја влошил илегалната имиграција.
На прашањето да ги идентификуваат примарните придобивки од Брегзит, најчестиот одговор со огромна разлика бил дека не знаат, веднаш пред одговорот дека нема никаква придобивка. Ова сугерира дека повеќето британски гласачи сега чувствуваат дека Брегзит направил реална штета, без никаква видлива корист. Ваквата поразителна пресуда за разводот со Брисел се преточува во силна желба за обнова на односите, па така дури 75% од британските испитаници се изјасниле за поблиски врски со ЕУ. Кога станува збор конкретно за трговските и економските врски, 66% сметаат на натамошно зближување.
Најголемото изненадување во истражувањето е тоа што огромно мнозинство од 63% од испитаниците, вклучувајќи и 57% од оние кои гласаа за Брегзит во 2016 година, изјавиле дека сега би го прифатиле слободното движење на луѓе во замена за поблиски трговски врски со ЕУ, додека само 18% категорично го одбиваат тоа. Дури и меѓу гласачите чија главна грижа е токму имиграцијата, 44% рекле дека би го поддржале слободното движење как дел од поблиско економско партнерство. Ова покажува дека еден од главните столбови на кампањата за Брегзит веќе ја нема истата тежина во британската јавност.
Марк Леонард, директор на ЕЦФР и автор на извештајот, истакнува дека податоците испраќаат јасен сигнал дека ЕУ е отворена за враќање на Велика Британија, а британската јавност суштински еволуирала од 2016 година наваму. Тој објаснува дека Брегзит бил бунтовничкото возило на една нација која го отфрлала тогашното статус кво, но една деценија подоцна, Британците сфаќаат дека нивните надежи за подобар живот надвор од ЕУ останаа неисполнети и дека Брегзит само ја поткопува способноста на државата да се справи со проблемите што најмногу ги засегаат граѓаните.
Извештајот ги дефинира трите главни струи меѓу британските гласачи, каде што првата група се оптимистите кои го гледаат усогласувањето со Европа како геополитичка нужност, втората група се реалистите кои поддржуваат поблиски врски со Брисел, но сè уште високо ги вреднуваат односите со САД, додека третата група се осамениците кои сè уште му даваат апсолутен приоритет на националниот суверенитет.
Генерално, анкетата покажува дека британските гласачи сега многу повеќе ја претпочитаат Европа пред САД како партнер за безбедност. Само 18% ги гледаат САД како клучен сојузник, додека 58% се за поблиски одбранбени односи со Европа. Мнозинството Британци веќе не сакаат да купуваат оружје од Америка, туку претпочитаат политика на купување европски производи. Дополнително, речиси две третини сакаат Велика Британија да учествува во развојот на алтернативен европски нуклеарен штит.