Грчките власти уапсија две лица под сомнение дека од небрежност го предизвикале големиот шумски пожар западно од Атина, кој веќе трет ден пустоши шуми и населени места, принудувајќи на нови евакуации.
Според истрагата на противпожарната служба, пожарот најверојатно избувнал од искри на кабли што пренесувале електрична енергија од приватен парк со ветерници до дистрибутивната мрежа во регионот Беотија. Уапсени се електроинженерот задолжен за проектот и лицето одговорно за поставување на каблите, а полицијата трага и по сопственикот на ветерниот парк. Против осомничените се поднесени кривични пријави за предизвикување пожар.
Поради ширењето на огнот, властите наредија евакуација на индустриската зона во Мегара, како и на шест населени места – Кандили, Агија Скепи, Тутули, Неа Дафни, Пефкенеас и Агиос Сарантис.
Пожарот избувна во петокот кај Агиос Василиос, а потоа се прошири кон крајбрежниот град Порто Гермено, околу 70 километри западно од Атина. Денеска огнената линија се движи кон Мегара.
Во гаснењето се ангажирани околу 500 пожарникари, 134 противпожарни возила и осум противпожарни авиони, но силниот ветер, кој на моменти достигнува брзина од над 100 километри на час, сериозно ги отежнува операциите.
Во акцијата помагаат и противпожарни тимови од Франција и Романија, испратени преку европскиот механизам за цивилна заштита. Според грчката државна телевизија ЕРТ, во Порто Гермено се уништени или оштетени околу 200 куќи, а пожарот зафатил приближно 10.000 хектари шума и нискостеблеста вегетација.
Грчките власти предупредуваат дека ризикот од нови пожари останува исклучително висок. Поширокиот регион на Атина и островот Евија се ставени во четврта категорија на опасност поради екстремните температури и силните ветрови.