Пејачката за големиот ден носеше Chanel Haute Couture креација изработена рачно во париските ателјеа на модната куќа.
По неколку недели шпекулации, конечно е откриено кој стои зад венчаницата на Дуа Липа. Пејачката за свадбената церемонија избрала креација на Chanel, и тоа прва Chanel Haute Couture венчаница што дизајнерот Матје Блази ја создал за пријателка на модната куќа.
Фустанот бил изработен рачно во ателјеата на Chanel на познатата париска адреса 31 Rue Cambon. Станува збор за сложена креација во која учествувале повеќе специјализирани уметнички работилници на модната куќа.
Венчаницата била рачно извезена со 480.000 монистра во Atelier Montex. Во неа биле вклучени и trompe-l’oeil детали во форма на накит, за чија изработка биле потребни 1.155 часа рачна работа од мајсторите на Lesage.
Креацијата по мерка завршувала со шлеп долг два метра, нежно поставен со 25.000 пердуви од работилницата Lemarié. Дуа Липа носела и драматичен вел од тил долг шест метри, исто така рачно извезен со монистра, пердуви и апликации од органза.
Целиот изглед бил заокружен со бели сатенски чевли изработени по нарачка во куќата Massaro. Од Chanel порачаа дека им било чест да ја облечат пејачката за овој посебен ден.
Дуа Липа веќе подолго време има близок однос со француската модна куќа. Таа често се појавува во креации поврзани со Chanel, присуствува на ревиите на брендот и соработува со куќата и за сценски изгледи. Chanel претходно изработи и костими по мерка за нејзината турнеја Radical Optimism.
Пејачката и актерот Калум Тарнер првпат го кажале судбоносното „да“ на 31 мај во Лондон, на интимна церемонија во градската сала Old Marylebone. За таа пригода Дуа Липа носела елегантен Schiaparelli костим со здолниште.
Една недела подоцна, парот отпатувал на Сицилија, каде што организирал поголема прослава за семејството и пријателите. За забавата за добредојде пејачката била видена во фустан со отворен грб и разиграно здолниште од пердуви на Bottega Veneta.
Главната венчаница, сепак, до сега остана строго чувана тајна. Со Chanel Haute Couture креацијата, Дуа Липа ја заокружи свадбената приказна со изглед што спојува класична елеганција, висока мода и впечатливи рачно изработени детали.