Грција бара од Украина Медитеранот да остане зона на мир

Атина ги информирала НАТО и ЕУ по откривањето на морски дрон кај Лефкада, за кој грчките власти се сомневаат дека можел да биде наменет за напад врз руски брод.

Грција предупредува дека евентуално ширење на војната од Украина кон Медитеранот нема да биде толерирано, откако во близина на островот Лефкада во Јонското Море бил пронајден дрон што предизвика загриженост кај грчките власти.

Грчкиот министер за надворешни работи Јоргос Герапетритис, по средбата во Атина со хрватскиот колега Гордан Грлиќ Радман, изјави дека Медитеранот мора да остане „зона на мир“, без воени операции и без прелевање на конфликтот од Црното Море кон поширокиот регион.

„Секое претворање на Медитеранот во театар на воени операции нема да се толерира“, порача Герапетритис, додавајќи дека Грција ќе се грижи Медитеранот да остане море на мирот, како што, според него, им припаѓа на народите што живеат околу него.

Инцидентот ја вознемири Атина откако минатата недела во близина на Лефкада бил откриен морски дрон. Грчките власти се сомневаат дека уредот може да има украинско потекло и дека бил наменет за напад врз руски брод во Средоземното Море. Според првичните информации, станува збор за таканаречен „камиказа“ дрон од типот „мамај“, каков што украинските сили користат во Црното Море, а уредот наводно бил опремен со експлозив.

Украина досега негираше каква било поврзаност со дронот, додека истрагата за неговото потекло, движење и можна мисија продолжува во објектите во Скарамангас, во близина на Атина.

Грчката национална одбрана ја води истрагата, а во првичните проверки биле вклучени и делови од крајбрежната стража. Тие учествувале во отстранувањето на експлозиви и детонатори од уредот, кој потоа бил ставен под воен надзор.

Атина за случајот ги информирала сојузниците во НАТО и Европската Унија, изразувајќи загриженост дека конфликтот од Црното Море би можел да се прошири кон Медитеранот и Егејското Море.

е-Трн да боцка во твојот инбокс