Фестивалот на краток филм „Дрим Шорт“ ова лето го одбележува своето десетто издание. Од 5 до 9 август Струга повторно ќе стане место за средба на автори, филмски професионалци и публика од Македонија и од странство.
Главната фестивалска програма ќе се одржува во Паркот на поезијата, додека останатите настани ќе бидат распоредени во „ЕУ Хаус Струга“, мезебарот „Кингстон“ и кафе-барот „Дуќан“.
„Оваа година не славиме само јубилеј. Ги славиме сите капки слеани во ова наше езеро – секој автор, секој филм, секој гледач, секој волонтер. Ниту една приказна не се создава сама. Капка по капка – езеро“, порачуваат организаторите.
Пет натпреварувачки програми
Во текот на петте фестивалски дена филмовите ќе бидат прикажани во пет натпреварувачки категории: меѓународна, регионална, национална, студентска и специјалната програма „Соочување со минатото“, реализирана во соработка со „Про Пис Северна Македонија“.
За наградите ќе одлучува меѓународно жири во состав: сценаристот Масимилијано Нардули, актерката Верица Недеска, продуцентот Цанко Василев и режисерката Гледис Бица.
Главната мисија на фестивалот останува иста – преку краткиот филм Струга постепено да се гради како препознатлив филмски град и простор во кој домашната и меѓународната кинематографија можат да се сретнат со нова публика.
Мастеркласови со Пјер Хоџсон и Масимилијано Нардули
Специјални гости на јубилејното издание ќе бидат реномираните европски сценаристи Пјер Хоџсон и Масимилијано Нардули.
Тие ќе одржат мастеркласови посветени на процесот на создавање сценарио, времето потребно за развивање една филмска приказна и начините на кои минатото ги обликува приказните што ги раскажуваме денес.
Нивното учество носи можност публиката и младите автори директно да слушнат како се гради приказна и како идејата постепено се претвора во сценарио и филм.
Македонските студенти во фокус
Македонската кинематографија ќе добие посебен простор преку програмата „Студенти во фокус“, во која ќе бидат прикажани шест домашни студентски филмови.
По проекциите, публиката и авторите ќе разговараат за филмовите со актерот Никола Ристановски.
Програмата е создадена како простор за претставување на новата генерација македонски автори и за отворање разговор за условите во кои се создаваат нивните први филмски дела.
Холандска вечер и филмови во виртуелна реалност
Во соработка со Амбасадата на Кралството Холандија ќе биде организирана „Холандска вечер“ со пет кратки холандски филмови, избрани од соработниците на фестивалот „Go Short“.
Во рамките на истата програма ќе биде понудено и посебно филмско искуство во виртуелна реалност.
„Дрим Шорт“ ја продолжува и соработката со „Еко-свест“ преку програмата „Свесно кино“, која ги поврзува филмот, општествената одговорност и еколошките теми.
Дина Јашари го отвора фестивалот
Десеттото издание ќе биде придружено и со музичка ОФФ-програма. Фестивалот ќе биде отворен со концерт на Дина Јашари.
Во третата фестивалска вечер ќе настапи дуото „Антартик“, новиот проект на стружанецот Илија Дуни, кој живее и работи во Белград. Вечерта ќе ја затвори Александар Гроздановски – Herzel, со специјален диџеј-сет.
Целосната програма и распоредот се достапни на официјалната страница на „Дрим Шорт“. Влезот за сите проекции, разговори, мастеркласови и музички настани е бесплатен.