Бесплатни прегледи и совети за сон на фитнес-форумот во Скопје

Претставници на две министерства, Олимпискиот комитет и меѓународни експерти ќе дебатираат за превенцијата и физичката активност во хотелот „Даблтри бај Хилтон“.

Физичката активност како дел од јавното здравје и соработката меѓу институциите и фитнес-индустријата ќе бидат главни теми на форумот „Health & Fitness Forum 2026“, кој ќе се одржи в сабота, 14 ноември, во хотелот „Даблтри бај Хилтон“ (DoubleTree by Hilton) во Скопје. Настанот го организира „Норт Македонија актив“ (North Macedonia Active) под мотото „Здравјето и фитнесот како инфраструктура“, а официјалната програма почнува во 09:30 часот.

Централната панел-дискусија насловена „Фитнесот како инфраструктура за јавното здравје“ ќе се одржи од 10:10 до 10:55 часот. На неа ќе учествуваат министерот за здравство Сашо Клековски, посебната советничка за ЕУ-проекти и децентрализација во Кабинетот на министерот за спорт Гордана Цветковска Бошевска, генералниот секретар на Олимпискиот комитет на Северна Македонија Ѓорѓи Тасев и извршниот директор на европската асоцијација „Јуроп актив“ (EuropeActive), Каи Трол.

Разговорот ќе го модерира Магдалена Спасовска, потпретседателка на „Норт Македонија актив“. Дискусијата е насочена кон улогата на редовното вежбање во превенцијата од хронични незаразни заболувања и моделите за соработка меѓу јавниот здравствен систем и приватниот фитнес-сектор.

Пред панелот, во 09:40 часот, претседателот на организацијата Јосиф Дамјанов ќе ги презентира актуелните состојби и потенцијалите за развој на домашната фитнес-индустрија. Воведно обраќање ќе одржи и Магдалена Спасовска со предавањето „Еден сектор, едно движење“, посветено на обединувањето на професионалците од оваа област.

Покрај институционалниот дел, програмата опфаќа и стручни предавања од областа на медицината и регенерацијата на телото. Кардиоваскуларниот хирург д-р Никола Христов ќе зборува за врската меѓу физичката активност и заштитата на срцето во предавањето поддржано од Клиниката „Жан Митрев“.

На панелот посветен на современите пристапи кон машкото здравје, поддржан од „дм“ (dm), ќе дискутираат д-р Виктор Грујевски, Марија Ѓоргиевска, д-р Бруно Ариенс и Махтелд Бакеланд, под модераторство на Синиша Јовиќ. За важноста на персонализираниот сон и закрепнувањето на организмот ќе говори Мелниса Беговиќ, основачка на белгискиот бренд „Мел.Бе“ (Mel.Be).

Деловниот дел од форумот е посветен на растот на фитнес-центри и градењето лични брендови. Ани Фелтман од шведскиот центар „360 Тренингцентер“ (360 Träningscenter) ќе ги претстави дигиталните алатки и автоматизацијата во работата со клиенти. Искуства за проширување од една локација во регионален синџир ќе споделат Марко Гершак од „БОДИФИТ“ (BODIFIT), Јосо Колак од „Мега џим“ (Mega Gym) и Марко Атанасовски од „Фит актив“ (FitActive) Македонија и Албанија, со модераторот Војко Вучковиќ. Маја Димитријевиќ, основачка на „Тренирај са Мајом“, ќе се осврне на градењето доверба преку личен бренд.

Паралелно со предавањата, од 09:00 до 16:00 часот во експо-делот ќе функционира мини-клиника на „Жан Митрев“, каде што посетителите со билет или потврдена гостинска пријава можат да закажат 15-минутен преглед. Во истиот простор „дм“ ќе организира дегустација на здрави рецепти, „Лулка“ (Loolka) ќе нуди индивидуални консултации за спиење, а „Авицена“ ќе спроведе интерактивен предизвик со награди.


Регистрацијата на учесниците почнува во 08:30 часот, а продажбата на билети преку официјалната страница hff.northmacedoniaactive.mk е отворена до четврток, 12 ноември, до 22:00 часот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс