Драма на Меѓународната вселенска станица: Астронаутите подготвени за итна евакуација по истекување на воздух

Астронаутите на Меѓународната вселенска станица беа подготвени за можна евакуација откако беше забележано зголемено истекување на воздух од рускиот сегмент на станицата.
Фото: НАСА

Вонредна ситуација се случи на Меѓународната вселенска станица (МВС), откако беше регистрирано зголемено истекување на воздух од рускиот сегмент на орбиталната лабораторија. Како мерка на претпазливост, петмина од седумте членови на екипажот добија наредба да се засолнат во приклучената капсула „Драгон Фридом“ на SpaceX и да се подготват за можна итна евакуација доколку ситуацијата дополнително се влоши.

Астронаутите Џесика Меир, Џек Хатавеј, Софи Аденот, Андреј Федјаев и Крис Вилијамс ги облекле своите вселенски одела и биле подготвени во секој момент да се одвојат од станицата и да се вратат на Земјата. Во меѓувреме, двајца руски космонаути останале во станицата и работеле на откривање и санирање на местото од кое доаѓало истекувањето. Според информациите, проблемот бил забележан уште на почетокот на неделата, но во понеделникот стапката на губење воздух значително се зголемила.

По неколкучасовни обиди за поправка, контролорите на летот од НАСА одлучиле да ја прекинат операцијата и му наредиле на екипажот повторно да се врати во станицата, откако процениле дека непосредна опасност нема. Засега не е соопштено колку воздух изгубила станицата ниту дали е целосно отстранет дефектот. Од НАСА и руската вселенска агенција продолжуваат да ја следат состојбата и да ги анализираат причините за инцидентот.

Меѓународната вселенска станица веќе неколку години се соочува со повремени проблеми со мали истекувања на воздух, особено во делови од рускиот сегмент, но ваквите ситуации ретко бараат подготвеност за евакуација на екипажот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс