На Јадранот се случил инцидент кога ферибот на „Јадролинија“ останал без контрола и со часови пловел помеѓу островите Иж и Угљан, по технички дефект на моторниот систем. Настанот се случил на фериботската линија Задар – Бршањ (Иж) – Рава – Мала Рава, кога бродот „Сис“ наидел на проблем при пристанување во Бршањ. Според информации од патници, фериботот пристигнал околу 16 часот, но поради дефект на системот за запирање, не можел безбедно да се закотви.
Како резултат на тоа, пловилото останало неконтролирано на отворено море и со часови се движело меѓу островите, додека патниците чекале помош.
„Требаше да пристанеме во 16 часот, но моторите за запирање престанаа да работат, па само пловевме. Дури по неколку часа ни соопштија дека има бесплатни пијалоци, иако дел од патниците веќе останаа без пари“, изјавил еден од патниците за хрватските медиуми.
Од „Јадролинија“ потврдија дека станува збор за помал технички дефект на фериботот „Сис“, кој привремено ја нарушил пловидбата на линијата. Во моментот на инцидентот на бродот имало 54 патници.Компанијата соопшти дека фериботот подоцна бил безбедно извлечен и закотвен во пристаништето Бршањ со помош на влекач, каде што патниците биле истоварени без повреди.
За да се одржи редовниот сообраќај на линијата, „Јадролинија“ информира дека во текот на денот сообраќајот ќе го преземе фериботот „Јадран“, додека дефектот на бродот „Сис“ се поправа и се очекува негово брзо враќање во функција.Според сведоштва, влекачот пристигнал околу 19 часот, по што започнало безбедното влечење на фериботот кон пристаништето.
Инцидентот не предизвикал повредени лица, но предизвика вознемиреност кај патниците и краткотраен прекин во редовниот морски сообраќај на линијата.