Доволниот внес на вода е еден од најважните предуслови за правилен раст, развој и функционирање на детскиот организам. Водата учествува во речиси сите процеси во телото, ја регулира телесната температура, помага во транспортот на хранливите материи, го поддржува варењето и овозможува нормално функционирање на мозокот и мускулите.
Во летните месеци, кога температурите се повисоки, ризикот од дехидратација кај децата дополнително се зголемува. Затоа е важно родителите да внимаваат на редовниот внес на течности, особено кај најмалите, кои честопати не препознаваат или не изразуваат навреме чувство на жед.
„Потребите за вода кај децата зависат од возраста, физичката активност и временските услови. Доволната хидратација е клучна за правилно функционирање на организмот, а дури и блага дехидратација може да доведе до замор, намалена концентрација, главоболка и раздразливост. Особено во летниот период, децата треба редовно да пијат вода, а не да чекаат да почувствуваат жед“, истакнува д-р Милена Кацарска Мицкоска, педијатар од Клиниката за Детски болести
Според препораките вели таа, на децата од 1 до 3 години им се потребни околу 1,3 литри течности дневно, на возраст од 4 до 8 години околу 1,7 литри, додека кај децата од 9 до 13 години потребите достигнуваат и до 2 литри дневно.
Дополнително, таа како педијатар препорачува кај бебињата и малите деца да се избира вода со низок минерален состав, како Роса, бидејќи нивните бубрези сè уште се развиваат и полесно го одржуваат потребниот баланс на течности и минерали.
Редовното консумирање вода не е само здрава навика, туку и важна инвестиција во здравјето на секое дете. Затоа, чашата вода треба да биде секогаш достапна, дома, во училиште, на игралиште и за време на секоја физичка активност.