Фудбалската репрезентација на Португалија неочекувано ремизираше 1:1 против Демократска Република Конго во првото коло од Групата К на Светското првенство, додека африканската селекција испиша историски страници со првиот бод и првиот гол на мундијалите. Португалците одлично го отворија натпреварот во Хјустон и поведоа уште во шестата минута. По центаршутот на Педро Нето, Жоао Невеш беше највисок во скокот и со прецизен удар со глава ја затресе мрежата за водство од 1:0.
Избраниците на Роберто Мартинез целосно го контролираа првото полувреме и создадоа уште неколку опасни ситуации, но пропуштените шанси беа казнети во самиот финиш. Во судиското продолжение од првиот дел, по корнер, Симон Банза Виза постигна гол што ќе остане запишан во историјата на ДР Конго – прв погодок за оваа репрезентација на Светските првенства.
За Конгоанците ова е само втор настап на Мундијал. Првиот беше во 1974 година под името Заир, кога ги загубија сите три натпревари со гол-разлика 0:14. Во второто полувреме Португалија тргна по победа. Жоао Кансело во 54. минута постигна атрактивен гол со ножички, но ВАР ја поништи радоста поради офсајд. Најголемото внимание беше насочено кон Кристијано Роналдо, кој на 41 година и 132 дена стана најстариот стартер на едно Светско првенство. Сепак, легендарниот напаѓач немаше своја вечер. Во 68. и 73. минута доби две идеални топки од Франциско Консеисао, но двата обида завршија покрај голот.
До крајот Португалија напаѓаше, но цврстата и физички доминантна одбрана на ДР Конго успеа да го зачува ремито и да освои бод што во оваа земја ќе се слави како победа.Во вториот натпревар од групата К, Узбекистан и Колумбија ќе се соочат во текот на ноќта, а по првото коло ДР Конго веќе покажа дека може да биде едно од најпријатните изненадувања на шампионатот.