Стогодишниците претставуваат исклучително ретка група луѓе кои сочинуваат едвај 0,01 процент од целокупната светска популација. Поради нивниот необично долг и релативно здрав животен век, медицинските истражувачи со децении се обидуваат да ја одгатнат тајната на нивниот долг живот . Меѓутоа, едно од главните прашања што долго остануваше без одговор беше: дали следната генерација ги наследува истите генетски предности и долговечност?
Нова и сеопфатна студија објавена во престижното научно списание „JAMA Network Open“ нуди исклучителни податоци околу оваа тема. Меѓународен тим истражувачи, предводен од генетичарката Софија Милман и првиот автор Ерик Рид од Медицинскиот колеџ „Алберт Ајнштајн“ во Њујорк, спореди податоци од повеќе од 2.300 деца на стогодишници со контролна група од над 1.700 лица чии родители имале вообичаен животен век.
Анализата покажа дека потомците на стогодишниците уживаат значително помал ризик од низа сериозни заболувања во споредба со своите врсници. Податоците откриваат дека децата на стогодишниците имаат дури 42 проценти помал ризик од смртност на која било возраст, 33 проценти помал ризик од развој на кардиоваскуларни болести и 32 проценти помал ризик од висок крвен притисок. Дополнително, дури и кога се јавуваат хронични состојби, нивниот почеток е одложен за околу пет години кај хипертензијата и за три години кај смртноста.
Интересен сегмент од истражувањето покажа дека ризикот од појава на канцер не бележи значително намалување кај децата на стогодишниците, но тие имаат подобра отпорност и пониска смртност од оваа болест. Научниците исто така ги зедоа предвид сите надворешни фактори како што се исхраната, нивото на образование, социоекономскиот статус и пушењето. Заштитниот ефект остана исто толку силен дури и при контрола на овие варијабли.
Сепак, авторите нагласуваат дека овие резултати не значат дека животниот стил не е важен. Здравите навики остануваат клучни за секој човек, но луѓето од семејства со изразена долговечност поседуваат специфични биолошки предности кои им помагаат да го зачуваат здравјето наспроти штетните надворешни влијанија