Бран дојави за бомби ги испразни училиштата во Хрватска и БиХ

Закани за поставени експлозивни направи по електронска пошта доведоа до евакуации, прекин на наставата и засилени полициски проверки во повеќе училишта.

Утринава и во текот на изминатите два дена, десетици училишта во Хрватска и во Тузланскиот кантон во БиХ добија закани за поставени експлозивни направи по електронска пошта, по што следуваа евакуации, полициски проверки и прекин на наставата, додека властите се обидуваат да утврдат кој стои зад координираниот бран на закани.

Во Хрватска, по вчерашните дојави во Сплит и Трогир, денеска слични закани беа пријавени и во повеќе училишта во Загреб, а според локалните извештаи учениците и вработените биле евакуирани веднаш по приемот на пораките. Дел од училиштата не ја започнале наставата, додека полицијата вршела безбедносни проверки на објектите. Во Сплит, пак, вчерашните проверки покажале дека дојавите биле лажни, по што учениците се вратиле на настава.

Слична слика утрово имаше и во Босна и Херцеговина. Полицијата во Тузланскиот кантон соопшти дека добила е-пошта со тврдења дека експлозивни направи се поставени во неколку училишта, а истата порака била испратена и директно до дел од образовните установи. Поради тоа, училиштата беа евакуирани, а на терен беа ангажирани полициски службеници од надлежните управи и криминалистичката полиција за проверка на наводите и обезбедување на објектите.

Хрватското Министерство за наука, образование и млади во меѓувреме соопшти дека секоја закана, без разлика колку можеби изгледа мала, мора да биде третирана сериозно и дека безбедноста на учениците и вработените останува апсолутен приоритет. Министерството ги осуди ваквите постапки како неодговорни и предупреди дека тие создаваат паника и страв, додека од полицијата и правосудството се очекува брза реакција и санкции за одговорните.

Иако засега нема потврда за вистинска експлозивна закана, институциите и во Хрватска и во БиХ постапуваат според најстроги безбедносни протоколи: евакуација, контрадиверзиски преглед и истрага за испраќачите на пораките. Токму затоа, денешниот бран повторно ја отвори темата за тоа колку лажните дојави можат за кратко време да го парализираат образовниот систем и да предизвикаат масовна вознемиреност, иако на крајот не се потврдува реална опасност.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни