Повеќе училишта во Србија утрово добиле дојави за поставени експлозивни направи, по што полицијата извршила проверки на дел од објектите. Според Министерството за образование, во училиштата што биле проверени било утврдено дека пријавите се лажни.
Од Министерството соопштија дека учениците во училиштата каде што проверките завршиле безбедно, подоцна биле вратени на настава.
„Министерството за образование ги потсетува училиштата на упатствата за тоа како да постапат во случај на пријава за поставена експлозивна направа. За да ги заштитат учениците и вработените, училиштата треба веднаш да ја известат полициската управа и да дејствуваат исклучиво во соработка и координација со претставници на Министерството за внатрешни работи“, се наведува во соопштението.
Министерството апелираше до училиштата, учениците и родителите да се почитуваат сите безбедносни процедури и да не се шири паника.
Како што за агенцијата Бета потврдиле неколку локални полициски управи, пријави добиле училишта во Белград, Зрењанин, Лесковац, Алексинац, Нишка Бања, Нови Пазар, Тутин, Сјеница и други места.