На седмото издание на Флипбук Филм Фестивал, кое годинава се одржа од 3 до 9 август во Скопје, беа прикажани филмови во главната, студентската и анидок-селекцијата, селекцијата на анимирани музички видеа, новата BoomBar програма за млада публика и Европската панорама, како и повеќе специјални програми, ретроспективи и презентации на гостите на фестивалот.

Жирито на главната и студентската селекција, во состав Томас Волда од Хрватска, Марија Вулиќ од Србија и Алета Рајиќ од Босна и Херцеговина, Гран при наградата за најдобар анимиран филм ѝ ја додели на „Те молам“ („Please“) на шведската режисерка Ана Манцарис, копродукција меѓу Шведска, Франција, Чешка, Норвешка и Финска. Според жирито, филмот се издвојува со храбрата и оригинална визија, извонредно изведената стоп-анимација и способноста ранливоста и осаменоста да ги претвори во длабоко човечко, апсурдно и трогателно искуство. Со нежност и црн хумор, филмот потсетува на универзалната човечка потреба да сакаме и да бидеме сакани. Специјално признание во главната селекција доби црногорскиот филм „Урош“ („Urosh“) на Мато Уљаревиќ, вознемирувачки и суров портрет на уметник кој се соочува со сопствените изместени кошмари за смртта и емоционалните трауми.

Гран при наградата во студентската конкуренција ја доби српскиот филм „Лебдење“ („Floating“) на Јелена Милуновиќ. Жирито го опиша како поетски и длабоко трогателен филм кој темите на менталното здравје и семејната оддалеченост ги претвора во силна визуелна метафора. Прецизно изработен, интимен и емотивен, филмот го води гледачот низ односот меѓу татко и ќерка. Специјално признание доби британскиот филм „Основа и потка“ („Warp and Weft“) на Изолда Миленковиќ, за внимателно изведената анимација, инвентивната употреба на текстилни материјали и искрената посветеност на рачната изработка.
Во новата BoomBar селекција за млада публика за наградите одлучуваше детско жири. Главната награда ја доби „Цитрусниот киклоп“ („Citrus Cyclops“) на Магдалена Метрицка, копродукција меѓу Полска и Обединетото Кралство. Специјално признание доби германскиот филм „Линија 12“ („Line 12“) на Сара Шулц и Кристофер Шмир, а второто специјално признание му припадна на францускиот филм „Ноќните чизми“ („The Night Boots“) на Пјер-Лик Гранжон.
Жирито на селекциите за анимиран документарен филм и анимирано музичко видео, во состав Тина Смрекар од Словенија, Вук Јевремовиќ и Марко Мештровиќ од Хрватска, главната награда во анидок-конкуренцијата му ја додели на полскиот филм „Мојата полска коса“ („My Polish Hair“) на Михалина Мусиалик. Цртежот, воден од впечатливиот глас зад кадарот, го носи гледачот во неочекувани простори и го претвора филмот во своевидна авантура. Специјални признанија добија францускиот „Блесоци“ („Flares“) на Јахим Боузек, за храбриот сликарски пристап кон сериозна болест и комбинирањето различни анимациски техники со кои се доловува исцрпена психичка состојба, и ирскиот „Внатре, долината пее“ („Inside, The Valley Sings“) на Нејтан Фаган, анимиран документарец кој постепено ја отвора исклучително тешката тема и му овозможува на гледачот да се доближи до потресните судбини на неговите протагонисти.

Во конкуренцијата на анимирани музички видеа главната награда ја доби италијанскиот „Семафори“ („Traffic Lights – Flea feat. Thom Yorke“) на Неспи 5еуро. Жирито го издвојува видеото како игра со основните визуелни елементи, сведени на минимум и извонредно поврзани со музиката, кои постепено се развиваат и надградуваат во текот на композицијата. Специјални признанија добија македонскиот „Танц на тенок мраз“ („Rundek & Ekipa – Dance on Thin Ice“) на Ѓорѓе Јовановиќ, за суптилната игра на светлина, боја и сенка во прецизен однос со музиката, и словачкиот „Глава“ („Lower Resolution – Head feat. Lena Lies“) на Маријан Вредик, монохроматски и треперлив омаж на Едгар Алан По.
Наградата за најдобар филм со еколошка порака, која традиционално ја доделува организацијата Еко-свест, годинава ја доби хрватскиот филм „Последната сламка“ („The Last Straw“) на Доротеа Радушиќ и Мислав Ротим.
Седмото издание на Флипбук Филм Фестивал беше поддржано од Агенцијата за филм на Македонија, Градот Скопје, организацијата Еко-свест и Кинотеката на Македонија.