Фондот за здравствено осигурување работи на надминување на проблемите со доцнење на исплатите за породилно отсуство, изјави директорот Сашо Клековски. Според него, дел од застојот настанува поради административни грешки кај помалите компании, кои често неправилно пријавуваат патолошка бременост наместо породилно отсуство. Ова создава разлики во исплатата 70% за патолошка состојба и 100% за породилно отсуство – па се бара дополнителна документација и нови барања.
„Само овој месец имавме десетина жалби и утврдивме дека недостасувал документ со кој се потврдува породилното отсуство“, изјави Клековски.
Дополнителен проблем, како што посочи, е и рачната обработка на податоците во почетните и завршните фази на боледувањето, што ја забавува исплатата. Минатиот месец биле исплатени 511 милиони денари за боледувања, додека лани за породилни отсуства биле исплатени околу 72 милиони евра.
Фондот најавува подобрување на системот со цел побрза и поефикасна обработка на барањата.