Македонија денес ќе биде под влијание на многу топла воздушна маса, со сончево и жешко време и максимални температури од 34 до 40 степени. Во попладневните часови, особено во западните и планинските делови, ќе има локален развој на нестабилна облачност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, најавува Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во Скопје ќе биде претежно сончево и многу топло, со температура до околу 40 степени, а кон крајот на денот постои мала можност за краткотраен локален дожд и грмежи.
Според прогнозите, високите температури ќе се задржат и во текот на викендот. Во недела повторно ќе има услови за локална нестабилност, а од почетокот на следната седмица се очекува постепено намалување на дневните температури, кои ќе се движат околу 30 до 35 степени во поголем дел од земјата.
Метеоролозите предупредуваат на екстремно високи температури и издава жолто предупредување за топлотен бран, со максимални вредности кои во делови од земјата може да достигнат и 40°C. Истовремено, во одделни региони постои ризик од попладневни грмежи и краткотрајни невремиња.