Џеј Ди Венс: Американските интереси се пред сè, без разлика дали тоа му одговара на Израел

Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс порача дека политиката на САД кон Иран ќе се води според американските интереси, без разлика дали тоа му одговара на Израел. Разговорите со Техеран, според него, покажуваат напредок.

Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс изјави дека САД ќе продолжат да ја водат својата политика кон Иран исклучиво според сопствените национални интереси, дури и ако тоа не се совпаѓа целосно со позициите на Израел. Во интервју за Fox News, Венс нагласи дека главниот приоритет на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп останува спречувањето на Иран да развие нуклеарно оружје, а не исполнувањето на политичките очекувања на сојузниците.

„Претседателот беше многу јасен дека, иако Израел има свои цели, примарната цел на САД во однос на Иран е да се осигураме дека нема да дојде до нуклеарно оружје“, изјави Венс.

Неговите коментари доаѓаат во период кога се појавуваат информации за несогласувања меѓу Вашингтон и Тел Авив околу пристапот кон Иран и иднината на нуклеарните преговори. Венс отворено призна дека американските и израелските интереси не се секогаш идентични и порача дека одлуките на Белата куќа ќе бидат носени врз основа на тоа што е најдобро за Соединетите Американски Држави.

„Израел можеби ќе биде задоволен, а можеби и нема да биде. Но, ние сметаме дека тоа е во најдобар интерес на Соединетите Американски Држави“, рече американскиот потпретседател.

Според него, разговорите со Техеран покажуваат одреден напредок и постои реална можност да се постигне долгорочен договор што ќе ја ограничи иранската нуклеарна програма. Венс оцени дека иранската страна покажува подготвеност за сериозни преговори, бидејќи продолжувањето на конфликтот не е во интерес ниту на Иран, ниту на поширокиот регион. Сепак, тој нагласи дека евентуалниот договор мора да биде придружен со строги механизми за контрола и инспекции за да се гарантира дека Иран нема да развива нуклеарно оружје.

„Ако успееме да го постигнеме овој договор, тоа ќе биде голема победа за американскиот народ“, порача Венс.

Изјавите на американскиот потпретседател се сметаат за јасен сигнал дека Вашингтон сака да ја задржи дипломатската опција во односите со Техеран, и покрај тензиите во регионот и притисоците од блискоисточните сојузници.


е-Трн да боцка во твојот инбокс